Само седум земји ги исполнуваат меѓународните стандарди кога станува збор за квалитетот на воздухот, а смртоносното загадување се влошува во некои области поради закрепнувањето на економиите на земјите и токсичното влијание на чадот од големите шумски пожари. Ова се наведува во новиот извештај на швајцарската организација за мониторинг на квалитетот на воздухот „IQAir“ која ги добива податоците од повеќе од 30.000 станици ширум светот, пренесува Ал Џазира Балканс.
Од 134 земји и региони опфатени во извештајот, само седум од нив – Австралија, Естонија, Финска, Гренада, Исланд, Маврициус и Нов Зеланд ги исполнуваат границите на ситни честички, наведени во упатствата на Светската здравствена организација (СЗО), кои во воздухот се испуштаат од автомобилите, камионите и индустриските процеси.
Огромното мнозинство земји не го исполнуваат тој стандард кога се работи за ПМ 2.5 честички.
Овие честички се помали од широчината на човечко влакно, а при вдишување можат да предизвикаат бројни здравствени проблеми и на крајот да резултираат со смрт кај луѓето, се вели во извештајот на „IQAir“.
Иако воздухот во светот е генерално многу почист отколку што беше во поголемиот дел од минатиот век, сè уште има области каде што нивото на загадување е особено опасно.