Од Аудиобиблиотеката „Самоглас“ најавуваат соработка со македонскиот театарски фестивал МТФ „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, преку која ќе се реализираат две подкаст сезони посветени на македонскиот театар, насловени „Репертоар“.
Во првата епизода „Почетоците на фестивалот“, што e објавена денеска, гостинка е Јелена Лужина, за која од „Самоглас“ велат дека е една од најдобрите познавачи на фестивалот, личност која ги знае сите значајни информации и факти за неговите почетоци, раст и развој.
„Таа има креирано неколку монографии директно поврзани со фестивалот, меѓу кои е и јубилејната монографија во чест на 50. роденден на фестивалот, монографијата за Илија Милчин и за Кирил Ристоски, како и креирање на зборници од четирите симпозиуми“, дополнуваат оттаму.
Поткастите ги водат актерките Сара Анастасовска и Ангела Стојановска, во кои ќе се зборува за минатото на театарскиот фестивал во вкупно шест епизоди: „Почетоците на фестивалот“; „Чување на фестивалската меморија“; „Сите награди на фестивалот“; „Награда за животно дело“; „Коле Чашуле и фестивалот“; „Војдан Чернодрински на фестивалот“.
Во наредните епизоди на „Самоглас“, што ќе се објавуваат секоја среда, најавени се гостувања на: Ана Стојаноска, Петар Темелковски, Стојан Дамчески, Сотир Трајков, Лилјана Мазова, Каролина Мицевска, Иван Додовски, Зоја Бузалковска, Бајруш Мјаку, Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Лидија Иваноска, Александар Степанулески, Исидор Јованоски, Сара Спиркоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Дејан Лилиќ, Сашко Насев, Дарја Ризова, Ѓорги Јолевски, Хакан Даци, Гентијана Рамадани, Наташа Петровиќ, Слаѓана Вујошевиќ, Сабина Мемиши, Александар Михајловски, Марко Трајковиќ, Ќендрим Ријани, Нела Витошевиќ, Љупчо Ѓоргиевски, Дејан Дуковски, Благица Секуловска и Бранислав Николов.
Втората сезона на театарските поткасти ќе се снима и емитува за време на одржувањето на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, од 9 до 16 јуни.
Аудиомонтажер и продуцент е Христијан Поп-Симонов, а Петар Антевски е задолжен за изработка на промотивните материјали.