Самостојна изложба „Еве го човекот“ на Стефан Младеновски утре во Крива Паланка

Самостојната изложба „Еве го човекот“ на уметникот Стефан Младеновски ќе биде отворена во петок, 30 август, во Уметничката галерија на Градскиот музеј во Крива Паланка, како завршен настан на алтернативниот мултимедијален фестивал „Гига Фест“.

„Изложбата се состои од 50 дела на хартија, создадени во последните две години, кои претставуваат заокружување на еден тематски циклус“, истакнуваат од фестивалот.

Настанот ќе биде придружен со музичкиот перформанс на Ади Имери и Александар Бошков.

„Тие се едни од најзначајните македонски гитаристи, кои оставаат длабок печат на македонската музичка сцена“, наведуваат оттаму.

Инаку, уметникот Младеновски е магистер по графика, добитник на три национални награди за графика, а досега реализирал 8 самостојни и над 30 групни изложби во земјава и странство.

„Важи за перспективен, атрактивен и талентиран автор, кој е дел од помладата генерација графичари во Македонија, а од 2020 година е и член на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија). Иако е графичар, во последно време се повеќе е посветен на цртежот, и е меѓу ретките кој успешно го афирмира овој ликовен израз, подзаборавен во современата македонска уметност“, додаваат од „Гига Фест“.