Во четврток (14 април), од 19 часот во КСП Центар-Јадро ќе биде отворена самостојната изложба „Лирски експресии“ на Владимир Величковски.
На изложбата, која е во организација на КСП Центар-Јадро и Здружението „Училница осум 8“, Величковски ќе се претстави со селекција од слики и цртежи што ги има работено во изминатите неколку години.
На вечерта на отворањето на изложбата, Величковски ќе го изведе и социјалниот перформанс „Идентитет“.
„Величковски, сопствената вибрација на личното егсистирње и откритието дека постои како свесно суштество ја изразува преку сликарски потези со повлекување на линии кои кореспондираат со неговата свест-потсвест како уловени музички вибрации или бранови на менталното искуство под инспирација на одредена музика. Боите и повлечените линии можат да дадат форми што само се наѕираат или да доловат одредени ликови. Секоја боја е можност да се повлече линијата на животот, односно да се даде печат на уште едно искуство. Во сопствените сликарски потези Величковски како да ги кине тие линии за веднаш потоа да ги поврзе или преклопи, да ги надодаде или да ги прикрпи со нови кои доаѓаат од сите страни на универзумот, но и од сите притиснати делови на телото и умот. Начинот на кои ги поврзува или одврзува тие фатени звучни линии на бојата –далечина е израз на неговото сопствено преиспитување, негово себекритикување. Линијата во боја или само црната линија на екпресионистичката скица кај Величковски е видливо фатена звучна линија, соодветна ѕуница на внатрешниот крик на длабоката болка што секој човек ја има во себе и сака да ја излечи. Лек за таа нема. Но болката и страдањето што доаѓаат како емоционален вознемирувачки бран од непознати далечини, можат да се намалат или да се притајат само со нивно преобразување во извесен квалитет-уметност или умешност во одредена област, како што е случајот кај Величковски – не само во теорија преку збор туку и во ликовно творештво“, вели Вера Симовска во својот осврт кон творештвото на Величковски.
Владимир Величковски (7 мај 1949, Скопје) — македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Во периодот 1976-1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари. Активно работи и изложува од 1973 година.
Издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје ја издала книгата на Владимир Величковски „Уметнички критики и есеи“, која е петтиот том со истоимениот наслов на овој автор. Книгата содржи текстови пишувани и објавувани по 1973 година, од кога тој интензивно се занимава со ликовна критика. Оттогаш до денес, тој е еден од најистрајните хроничари на ликовниот живот во Македонија, вреднувајќи ги преку ликовната критика и есејот сите позначајни настани, изложби, појави, тенденции.
Величковски досега објавил повеќе од 80 монографии и книги од областа на ликовните уметности, од кои најголемиот дел се монографските изданија. Тој по вокација е сликар, и автор на повеќе тематски и групни изложби.