Изложбата на визуелниот уметник Зоран Арсовски – Бабата насловена како „Нови хоризонти“ ќе биде отворена во четврток (20 јуни) со почеток од 19 и 30 часот во Центарот за култура во Крива Паланка во рамки на манифестацијата „Крива Паланка град на културата за 2024 година“.
„Проекцијата на иднината и нејзиниот евентуален развој е во фокусот на проектот кој сакаме да ви го претставиме, а се работи за најновата изложба на академскиот сликар м-р Зоран Арсовски – Бабата. Велиме проект, затоа што е тематски поврзан со неговите претходни циклуси (‘Тектонски пореметувања’ и ‘Космички бумеранг’) и претставува континуитет на едно истражување кое доследно, согласно претходно поставените канони и стандарди, дава иновативни резултати и креативни решенија“, вели Роберт Цветковски, историчар на уметност, за претстојната изложба.
Ова е 16. по ред самостојна изложба на Арсовски, кој има учествувано на повеќе Меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, уметнички фестивали и симпозиуми, во земјава и во странство. Добитник е на повеќе награди, признанија и дипломи, но и сопственик на уметничката Галерија „Art Gallery Arsovski“ во Куманово.
„Несомнено, понудениот материјал треба да се разбере и како повик кон факторите на сегашната цивилизација за освестување и преземање на итни мерки за спас на планетата. Во спротивно, драматичните случувања од сликите на Арсовски ќе бидат реалност… Можеби ќе преживеат некои помали животни и растенијата ќе бидат со изменет колорит, па дури и ќе се појават некои нови постеволутивни органовидни форми, но отсуството на човекот говори дека состојбата е повеќе од алармантна. И токму тука, во упатениот апел ја гледаме вредноста на оваа изложба, надополнета, се разбира, и со техничката перфекција“, додава Цветковски.