Изложбата на уметницата Вања Штркова насловена како „Мали настани, обични работи, скршени и реконструирани“, како и самостојната изложба на слики од Ѓорѓи Динев ќе бидат отворени на 3 септември со почеток од 20 часот во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје.
„Со модерниот стил и интензивната употреба на бои, делата на Вања Штркова нудат нов поглед на обичните, но важни аспекти на секојдневието, пренесувајќи чувство на мир во моментот во кои се играат нејзините слики“, информираат од КИЦ за изложбата на Штркова.
Таа е графичка дизајнерка која позади себе ја има изложбата насловена „Life“ во 2016 година, а нејзиниот најнов проект „Мали настани, обиччни работи, скршени и реконструирани“ претставува серија на уметнички дела и слики инспирирани од секојдневните мали работи, мали разговори, мали моменти кои му даваат една значајна нота на животот.
„Во брзината и перфекционизмот кон кој секојдневно се стремиме, Вања со оваа изложба фрла светло на детското, на несовршеноста, на искривената линија… со други зборови, нѐ става во ситуација да го погледнеме детето во нас, да се фокусираме на сегашноста и ја истражува темата на малите и често неприметливи моменти во животот кои се претворени во визуелни наративи. Овој проект е посветен на нејзиниот внук Рубен, кој со неговото доаѓање го изврти погледот на битните и небитните работи во животот“, додаваат организаторите.
Додека пак, самостојната изложба на слики на графичкиот дизајнер Ѓорѓи Динев ќе биде во салонот Империјал 1 во КИЦ.
„Во 2020 година, Динев станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Има реализирано две самостојни изложби, во 2019 година во Скопје во Младински културен центар, и во 2021 година во Струмица, и учествува на повеќе групни како ‘Меѓународно графичко триенале’ во Битола, 2023 година, ‘Меѓународно биенале на графиката’ во Варна, Бугарија, 2023 година, ‘ДЛУМ Цртеж – експериментален цртеж’ во Скопје, 2023 година, ‘ДЛУМ Годишна изложба’ во Скопје, 2022, каде ја добива наградата за сликарство, Меѓународно графичко биенале ‘Сува игла’ во Ужице, Србија, 2023, каде ја добива наградата ‘Похвала бијенала’, и други“, наведуваат од КИЦ.
Изложбите ќе бидат отворени до 14 септември.