Аерозагадувањето може да има поврзаност со самоубиствата, открива нова студија, јавува Евроњуз. Во студијата која е прва од ваков вид, објавена во Националното биро за економски истражувања беа испитувани смртни случаи низ САД помеѓу 2003 и 2010 година.
Студијата откри дека зголемувањето на дневните ПМ 2.5 честички кои можат да навлезат во крвотокот преку белите дробови, од еден микрограм на кубен метар е поврзано со зголемување од речиси 0.5% од самоубиствата на дневно ниво.
Месечното зголемување на ПМ 2.5 честичките на исто ниво, беше поврзано со пораст од 50% на хоспитализациите поврзани со обиди за самоубиства.
Загадувањето на воздухот е поврзано со 7 милиони предвремени смртни случаи секоја година, според Светската здравствена организација. Се покажа дека аерозагадувањето го зголемува ризикот од респираторни инфекции, срцеви заболувања и рак на белите дробови, па дури и дека може да го промени развојот на фетусот. Исто така, има се повеќе докази дека загадувањето на воздухот влијае и на мозокот и на однесувањето.
Малите честички можат да навлезат во белите дробови и да го намалат протокот на кислород во крвотокот. Истражувањата покажаа дека ова може да влијае на продуктивноста, стратешките избори, академските перформанси и менталното здравје.
Врската помеѓу загадениот воздух и менталното здравје може да има биолошко објаснување. Изложеноста на честичките може во голема мера да ги зголеми нивоата на цитокини, невротрансмитери произведени како одговор на инфекција и воспаление, кои исто така се поврзани со депресија и самоубиство. Загадувањето е поврзано со воспаление на мозокот, што може да ја наруши регулацијата на расположението.
Истражувачите Персико и Маркот од Американскиот универзитет во Вашингтон се зафатија подетално да го истражат влијанието на аерозагадувањето врз расположението.
Тие ги усогласија дневните податоци за бројот на самоубиства по окрузи со податоците за квалитетот на воздухот, користејќи ја насоката на ветерот како инструмент за изложување на загадување.
Покрај тоа што студијата откри зголемување на дневните стапки на самоубиства и месечни хоспитализации поврзани со самоубиства, таа исто така откри дека зголемените нивоа на ПМ 2.5 честичките се поврзани со повеќе самопријавени депресивни симптоми.