Кабелските оператори во земјава вчера започнаа со првиот од времените прекини на реемитувањето на домашните и странските телевизиски канали, со исклучок на Македонската телевизија (МТВ).
Преку едночасовен прекин на програмата, тие протестираа против како што велат, наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Почитувани корисници. Во знак на протест, ќе имаме времен прекин на реемитувањето на телевизиските програми во периодот од 18:10 до 19:10 часот. Причината е неуставната законска регулатива која наметнува одговорност и надвор од наша надлежност, на штета на богатата ТВ понуда за корисниците.
Жалиме што сме принудени на ваков чекор, и се надеваме што поскоро да се најде соодветно решение – гласи една од пораките кои ги пречекаа граѓаните на нивните ТВ екрани.
Реакција за исклучувањето упатија од Министерството за информатичко општество и администрација, од каде посочуваат дека кабелските оператори вчера го повредиле членот 115 од Законот за електронски комуникации. Ваков прекин, велат од министерството, е оправдан кога е предизвикан заради реконструкција, модернизација, одржување, технички пречки или недостаток на мрежата.
Оттаму истакнуваат дека поради ваквиот чин, кабелските оператори би можеле да добија прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, а може да му се изрече прекршочна санкција одземање на предмети со кои е сторен прекршокот. Според член 182 од Законот за електронски комуникации, пак, тие би можеле да добијат и парична казна од 20 000 евра.
„Покрај ова, сите претплатници на операторите имаат законско право да бараат и право за надоместок на штета од страна на операторите, поради прекршување на одредбите од претплатничките договори и можат да бараат соодветна правна заштита преку Агенцијата за електронски комуникации, како надлежно регулаторно тело“, велат од МИОА.
Реагираат и од Македонската медиумска асоцијација (ММА), која ја сочинуваат 5-те национални телевизии –Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма. Според нив, вечерашниот едночасовен прекин на емитувањето на ТВ програмите од страна на кабелските оператори претставува самоволие и тешко кривично дело.
ММА им укажува на гледачите дека петте телевизии целосно ги имаат уредено авторските и сродните права за целата содржина што ја емитуваат, како и дека управителите за тоа гарантираат под целосна морална и кривична одговорност.
„Причините за ова самоволие и тешко кривично дело не ни се познати. Кабелските оператори велат дека станувало збор за некаква неуставна законска регулатива, но за спорови околу уставноста на законите се произнесува Уставен суд, а не се прекршуваат договорите за реемитување со телевизиите, и не се малтретираат корисниците и гледачите кои за услугите плаќаат за да гледаат програма. Оние кои произведуваат програма знаат дека екранот е светост, кон црн екран применуваат само оние што не знаат колку е тешка работата да се произведе гледана и квалитетна содржина, туку се научени без никаква надокнада да преземаат содржина и од тоа да прават профити“, стои во соопштението.
Од ММА велат дека се особено изненадени од потегот на Дојче Телеком и А1 Австрија како најголеми оператори.
„Една од причините за ваквата аздисаност и крајно некоректно однесување, е и фактот што кабелските оператори постојано нелегално реемитуваат телевизиски канали и програми за кои немаат регулирано авторски и сродни права, за што имаат десетици кривични пријави и тужби, а јавното обвинителство не постапува против овие осомничени криминалци, со цврсти и обемни докази и аргументација. Непостапувањето на обвинителството доведе до постојано преповторување на истите кривични дела со пиратерија, како и денешното ново кривично дело – а тоа е дрзок упад во програмите на петте национални телевизии во Македонија –настан без преседан во Европа“, стои во реакцијата.
Институтот за развој на електронски комуникации ИНЕРКОМ, пак, оцени дека принципиелниот дијалог е единствен пат до конечно наоѓање прифатлив компромис и решение на сите страни.
„Институтот упатува предлог до новиот пратенички состав на пост изборното Собрание и новата легитимна и легална Влада да донесе соодветни законски измени, во интерес на сите страни, а најмногу во интерес на граѓаните како крајни корисници, притоа држејќи до европските правни норми и регулативи, следејќи искуства од развиените држави, стои во коментарот на ИНЕРКОМ.
Операторите тврдат дека протестот е поради неодржливата правна рамка и неприменливите, неодржливи и спротивни на ЕУ директивите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ), што беа донесени од Собранието во февруари годинава.
Кабелските оператори се назадоволни и од донесената владина уредба од 29 мај годинава, со која оспорениот член 143 од ЗААВМУ бил надополнет со уште една обврска за регистрирање на сите веќе регистрирани странски програмски сервиси во рок од 60 дена од страна на операторите, под услови уредени во членот 143 од Законот.