Самсунг смартфони испраќаат фотографии до случајни контакти, се жалат корисниците

Компанијата Самсунг ги истражува поплаките дека нивните апликации за праќање текстуални пораки на Galaxy S8 и S9 смартфоните испраќаат фотографии до контакти по случаен избор без дозвола за тоа.

Корисници пријавиле вакви чудни однесувања на телефоните на форумите за корисничка поддршка на Самсунг и на платформата Реддит. Апликацијата за пораки на Самсунг не покажува никаков знак дека се испраќаат фотографии, а со самото тоа корисникот е целосно несвесен за тоа.

„Синоќа околу 2 и 30 часот по полноќ, телефонот ми испратил цела галерија фотографии преку текстуална порака, но тоа не е забележано во апликацијата за пораки. Сепак, за тоа има податоци на листингот на Т-мобајл. Зошто ова се случува“, прашал еден корисник на Реддит.

„Чудно но телефонот на мојата сопруга го направил тоа истото минатата вечер, а и мојот еден ден претходно. Ми се чини дека има некаква врска со надградувањето на СМС апликацијата на Самсунг. Кога нејзиниот телефон ми испрати порака со нејзината галерија, тоа не беше прикажано кај неа – и обратно“, напишал друг корисник на Реддит.

Иако сè уште не е јасно што го предизвикува ова праќање случајни пораки, корисниците на кои им се случило ова пријавиле дека добиле надградба на нивната апликација за текстуални пораки која овозможува Rich Communication Services (RCS). Оваа услуга е долго очекуваната замена за СМС пораките која додава модерни услуги како праќање слики, дополнителни симболи при пишувањето и потврда за прочитана порака.

„Свесни сме за пријавите на ваков проблем и нашите технички тимови работат на ова прашање“, соопштиле од Самсунг.

Од компанијата ги повикуваат засегнатите корисници со ваков проблем директно да го контактираат Самсунг додека не биде објавено решение за проблемот.

Во меѓувреме, корисниците можат да се префрлат на друга апликација за праќање пораки или да го блокираат пристапот на апликацијата за пораки на Самсунг до меморијата на телефонот.