Промоцијата на новиот видео спот на Санаториум за песната „Молк,” ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје во среда (08.04) во 19:00 часот.
Новото видео на легендите на македонскиот метал, веќе следниот ден ќе ја доживее и својата Јутјуб премиера на официјалниот канал на еден од најважните состави во современата македонска музичка историја.
Режисер и директор на фотографија на спотот е Горан Наумовски, а на монтажата и постпродукцијата, која беше сработена во Пигменто студио, потпишан е Ванчо Мираковски.
Покрај членовите на бендот, актерска улога има и Ивица Цонев, а во екипата која помогна во реализацијата на видеото се и Тони Стојановски, Виктор Николовски и Горан Стојилковиќ.
На премиерата на видеото, фановите на култната група ќе можат да купат нови Санаториум маици, како и цеде со последните три синглови, кои што беа издадени по 13 години пауза.
Оформени во 1987-та, супер енергичните Санаториум уште од самиот старт го привлекуваат вниманието на метал фановите од овие простори, за денес да уживаат во статусот на еден од најзначајните метал групи на Балканот. Зад себе имаат три официјални изданија, повеќе турнеи низ екс Ју просторот и Европа, а сцената ја делеле со метал величини како Слеер, Моторхед, Соулфлај и Халфорд.
Санаториум испишаа страници во историјата на метал жанрот во регионот и со огромно задоволство гледаме дека се активни, свежи и експлозивни како секогаш. Санаториум се подготвени повторно да ве одведат до центарот на лудилото, да ви го разнесат паметот и со огромна моќ да ве одведат до работ на разумот.
Санаториум се: Перо Стефановски – гитара и вокал, Константин Качев – гитара, Горан Станковиќ – бас и Горан Атанасов – тапани.