Министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција објави дека во Владата поминале измените на Кривичниот законик, со кои се зајакнува заштитата на жените.
Тој истакна дека преку имплементација на Истанбулската конвенција, законски се прецизира заштитата на жените и се внесуваат нови кривични дела кои досега не постоеле, а со нив законски се штитат жените од вознемирување и напади.
Маричиќ истакна дека со новото дело „Демнење“ се предвидуваат строги санкции за вознемирување и преку интернет, нешто што се случува сè почесто.
„Тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, потенцираше Маричиќ.
Ваквите измени се воведуваат за да спречат идни случаи како „Јавна соба“. Случајот „Јавна соба“ поттикна бројни протести и активистички акции годинава. Стануваше збор за разоткривање на групи на социјалната мрежа Телеграм каде биле споделувани лични информации и фотографии од девојки и жени. Случајот повторно се актуелизираше во јануари, оваа година, откако една од девојките чија фотографија се најде во една од групите, преку видеоснимка ѝ се обрати на јавноста.