„Јас се откажав од работење за други архитекти во Скопје, затоа што како што знаеме сите, не плаќаат. Решив дека ќе цртам на конкурси и на тој начин ќе го покажам мојот квалитет на пазарот“, вели младата архитектка Сара Симоска, во интервју на Радио МОФ.
И оваа одлука се чини дека е вистински избор, бидејќи токму нејзиниот проект пред неколку дена беше избран меѓу дваесетте победници на интернационалниот конкурс ДОМ Русија. Kонкуренција им беа 400 архитектонски тимови, од целиот свет. Задачата на архитектите била да достават разработено идејно решение за домување во Русија, држава која има потреба од нови станбени блокови и планира да ги изгради до 2025 година. Конкурсот го распишала руската влада и организацијата „Стрелка КБ“, со цел да ги селектираат најдобрите модели за домување. Меѓу победниците се најде тимот од Македонија.
„Ние работевме на проектов 25 дена без спиење во кујната на Александар и во просториите на Архитектонски Факултет Скопје“, се потсетува Симоска на процесот на изработка на проектот.
Со неа во тимот се придружиле и нејзините колеги Александар Алексоски, Мохамед Ибраим, Димитар Петровски, Илина Цветкова, Ивона Шукуроска. Архитектот Саво Симоски пак ја имал улогата на консултант. Биле уверени дека ќе се најдат меѓу победниците.
„И покрај тоа што велам дека првата фаза беше идејно решение сепак проектите се бараше да бидат разработени на многу високо ниво. Па така ние понудивме 15 различни станови сместени во три типови згради. Една кула и две згради од 9 спрата, со тоа што една зграда се повторува два пати во блокот. Исто така за потребите на конкурсот требаше да направиме предмер, т.е. колку ќе кошта изведбата на метар квадратен. Тоа беше многу важен елемент, затоа што целта на овој конкурс е да се добијат станови и згради кои од една страна се иновативни, но од друга страна се економични. Во тоа лежеше најголемиот предизвик. Друг многу важен услов беше одржливата ефикасност на зградата и становите, а посебно пасивната. Зградите во нашиот урбан блок се поставени на тој начин што ги запазуваат правците на зимските и летните ветришта во Москва и дозволуваат доволно сонце да влезе во секој стан и соба.Кон север нема станови. Исто така, блокот и зградите ја собираат дождовната вода, која потоа се реискористува за одржување на блокот. Ѓубрето уредно се селектира во посебни канали и подземно се спроведува до локации за собирање, на крововите има поставено соларни панели“, детално раскажува младата архитектка.
Сепак не заборава да укаже дека овие мерки не се нови, туку треба да бидат вообичаени во секое современо домување. Нивниот проект сега влегува во втората фаза, кога проектите треба да се изработат во соработка со руско студио кое ќе гарантира за запазување на нормативите и стандардите во Русија. Средбата е закажана за почетокот на март каде ќе се сретнат со комисијата и сите победници ќе разговараат за развивањето на проектите.
„Оваа награда е најголемо препознавање на трудот, образованието и талентот. Се надевам дека клиентите, а посебно Македонците ќе почнат да веруваат во мојот дизајн и архитектура и ќе ми дадат шанса да го уредам нивниот простор на современ и светол начин. Јас имам за цел да отворам мое студио во Скопје, а да работам на локални и интернационални проекти. Скопје е најдобро место во Европа. Од една страна сте блиску до сите градови на исток и запад, од друга страна многу се пониски трошоците, дома сте, и за крај Скопје е огромна инспирација за еден архитект со сите свои комплексности и проблеми. Досадно е да се живее во совршен град“, забележува младата архитектка.
Затоа и нејзината магистерска тема која ја одбрани во Италија беше посветена на животот во еден град. Насловена „Skopje recless: Towards dynamic habitat“, магистерската теза говори за проблемот на интензивното и речиси неконтролираното згуснување на веќе изградениот простор во Скопје, град во кој ги снемува зелените површини и каде има енормно аерозагадување. Во неа дава насоки за подобрување на состојбите.
„Оваа година работам на издавање на книга како поопширено истражување во овој правец. Се надевам дека моите размисли за градот Скопје ќе бидат слушнати“, вели Симоска.
Симоска е претседател на МЕЛЕЕМ, кој го опишува како „инструмент преку кој ги реализираме нашите идеи за градот во мал размер и при тоа даваме шанса на младите луѓе да работат со одржливи материјали, и да влијаат на подобрување на условите во околината“. Јавноста ги памети по неодамнешниот проект на младите кои учеа да работат со дрво и конструираа летна читална во Прилеп.
Во моментов сепак фокусот е насочен кон победничкиот проект во Русија. Нејзиниот тим веќе бара практиканти кои ќе помогнат да се изготви основен проек за нивниот станбен објект. Нормално, потсетува, ќе бидат платени за својата работа.
„Ние сме млади, но не и мали, Марк Зукенберг на 23 години го основал Фејсбук. Мораме да ги сфатиме сериозно работите уште од самиот почеток и да ја изработуваме нашата работа со највисок квалитет. Тоа го научив од Италијанците, за време на моите магистарски студии во Италија. Доколку планираш да забушаваш и да направиш нешто колку за да го направиш, воопшто не прави го“, порачува Симоска.
Ј.Ј.