Јавниот обвинител на Саудиска Арабија по спроведената истрага заклучил дека висок службеник од разузнавачките служби го наредил убиството на новинарот Џамал Кашоги и дека за тоа не знаел принцот престолонаследник Мохамед Бин Салман, пренесува Би-Би-Си.
Обвинителството доставило до судот обвинение против 11 лица за убиството и бара смртна пресуда за петмина од нив. Истовремено се вршат истраги за дополнителни 10 лица осомничени за вмешаност во случајот.
Според обвинителството, новинарот бил убиен со смртоносна инјекција по караница со агентите во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври. Телото на Кашоги потоа било искасапено и изнесено од зградата.
Заменикот јавен обвинител, Шалан Бин Раџи Шалан не ги идентификувал обвинетите на пресконференцијата во Ријад, но рекол дека истрагата покажала дека „личноста која го наредила убиството била шеф на преговарачкиот тим“ испратена за да се обезбеди Кашоги да се врати во Саудиска Арабија од неговиот егзил во САД.
„Принцот престолонаследник немал никакво знаење за ова“, додал тој.
Критичарите на Мохамед Бин Салман, син на кралот Салман, кој како принц престолонаследник реално ја има власта во земјата, не веруваат дека тој не бил запознаен со акцијата. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека „наредбата за убиството на Кашоги дошла од највисоките нивоа на саудиската власт“.
Принцот Мохамед отфрли секакво учество во убиството, опишувајќи го како „ужасен злостор кој не може да се оправда“, давајќи ветување дека „правдата ќе победи“.
Саудиска Арабија се обиде да го прикрие убиството, првично убедувајќи дека Кашоги го напуштил конзулатот, за потоа да го промени објаснувањето во тоа дека новиналот загинал во тепачка во конзулатот. Саудиските власти подоцна признаа дека Кашоги бил убиен во умислена акција, но дека таа била изведена без знаење на властите во земјата.
Турските и саудиските служби спроведоа заедничка истрага на конзулатот и резиденцијата на конзулот, но турскиот претседател изјави дека дел од саудиските претставници продолжиле со намерите да го прикријат злосторството.
Кашоги повеќе од една година беше во политички егзил во САД, стравувајќи од политички прогон. Новинарот ги поздрави реформите во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот Мохамед бин Салман, но продолжи да го критикува неговото автократско владеење.