Савче Ѓошева, студентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ е новоизбраната студентска правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а вели дека се кандидирала за функцијата поради личното верување дека „студентското организирање е одек на сонот за градење на ново општество кое најпрво ги уважува неговите права“.
„Доколку погледнете низ историјата, студентскиот глас и бунт биле објективни критичари на штетните дејанија во општеството и поттикнувачи на прогресивните политики. Сѐ уште сакам да верувам дека критичката маса и носителите во едно општество се токму студентите и затоа сакам да сум дел од групата индивидуи кои пркосно исчекоруваат на фронтот кон промените“, вели Ѓошева.
Таа потврдува дека студентскиот активизам бара жртва, но додава дека носи и огромен бенефит во личниот развој и развојот на микрокосмосот во кој живееме.
Ѓошева потцртува дека својот мандат ќе го искористи за решавање на студентските проблеми со кревање на нивото на свесност преку едукација на студентите за своите права.
„Ова најдобро би се решило преку практични работилници со студентите каде ќе научат дека секогаш кога некое право ќе им биде прекршено или угнетено ќе знаат како и кому да се обратат. Соработка, разговор и охрабрување на студентите да пријават повреда на право или да покренат иницијатива се секако најголемиот фокус“, посочува студентската правобранителка.
Мобингот, дискриминацијата, нереспонзивноста на професорите, нискиот студентски стандард се само дел од проблемите со кои се соочуваат студентите, а и Ѓошева посочува дека широк е спектарот на проблеми со кои се соочуваат студентите, така што потенцијално може да се јават и овие.
„Сакам да верувам дека нема да бидат во голем број и дека студентите се образоваат во академска заедница која го уважува нивното достоинство. Сепак, секаков вид на омаложување и малтретирање е доволна причина да се поднесе претставка кај студентскиот правобранител“, вели таа.
Правобранителката смета дека е потребно да се спроведе анализа за да се увиди квалитетот на настава и односот професор-студент, односно на активностите што ги работи Универзитетското студентско собрание.
„Доколку студентот се чувстувува во инфериорна положба, тогаш тоа не е здрав однос во една академска средина“, вели таа.
Според Ѓошева, Освен УКИМ, во однос на дискриминацијата не смеат да се занемарат и студентите сместени во студентските домови, кои покрај универзитетот се втората институција која што згрижува најголем број на студенти.
„Необезбедувањето на достоинствен студентски стандард кој што ја гарантира благосостојбата на студентот е исто така дискриминација. Доколку еден студент е сместен во студентски дом бидејќи тоа е она што неговата материјална состојба го дозволува, не смее да биде лишен од топла вода или здрав оброк“, вели таа.
Актуелната студентска правобранителка вели дека студентски проблеми има многу, а дополнува дека, за жал, ниската свесност за проблемите и правата кои ги поседуваме, начинот на размислување и практиката дека подобро е да истрпи отколку да се проговори е голема кочница за студентското дејствување.
„Научени сме да поминуваме покрај секојдневните незадоволства без да размислиме за нив бидејќи сакаме да се заштитиме себеси од емоционалниот слом кој можат да го предизвикаат, но со тоа подлегнуваме кон неделување и нихилизам. Покрај ова, тука е и самата незаинтересираност за општественото активирање бидејќи одзема премногу енергија“, посочува Ѓошева.
Правобранителката вели дека цели кон иднина каде студентите ги знаат своите права, но и иднина каде студентите сакаат да придонесат на заедницата.
„Стабилни студентски организации кои имаат континуитет во работењето и коишто се вмрежени со студентите. Секако тука е и покренувањето на критичната маса која не се плаши да ги коментира политиките кои ги креираат властите. Минимални промени кои што ќе вдахнат желба во младите да останат тука“,
Инаку, Ѓошева на функцијата стапи по нејзината претходничка Викторија Постоловска. Сите студенти кои сакаат па пријават прекршување на нивните студентски права можат да поднесат претставка до studentski.pravobranitel.ukim@gmail.com.
Ивана Смилевска