Социјалниот центар „Дуња“ на 11 и 12 октомври организира разни настани и активности, со кои ќе го одбележи осмиот роденден од своето основање.
„Преку солидарност и заедничарење успеавме да стигнеме до осмата година од нашето постоење, а најголем поттик наоѓаме токму во класно раслоеното експлоататорско општество, кое пред нас се појавува во разно разни облици. Низ годините преку вредностите кои ги негуваме, но и непокорноста и борбата против национализмот, империјализмот и капитализмот, успеавме во ‘Дуња’ да го создадеме и живееме општеството за кое се бориме“, соопштуваат од СЦ „Дуња“.
Од Центарот велат дека осум години „Дуња“ ја претставува пркосната искра во сивилото и едноличноста на капитализмот, активно поддржувајќи ги борбите кои почиваат на класна, антинационалистичка и антиимперијалистичка основа во земјата и светот.
View this post on Instagram
„Пред осум години тргнавме со паролата ‘подобро општество е нужно и возможно’, денес цврсто целиме кон изградба на новото општество!“, соопштуваат од СЦ „Дуња“.
На агендата настани на 11 октомври од 13 до 15 часот ќе организираат роденденска размена на книги и облека. За секоја донесена книга, присутните ќе добијат купон за размена, кој го разменуваат за книга што им се допаѓа. Во поглед на облеката, од „Дуња“ ги повикуваат гостите да донесат неколку парчиња есенска гардероба што би сакале да ги разменат.
„Нема ограничување во однос на земање/оставање – единствен услов е облеката да биде испрана и во уредна состојба. Настанот не е од донаторски карактер и нема да бидат прифатени вреќи облека. Второ Азно – платформа каде половните предмети имаат неколку животи! Се грижиме за ресурсите на планетата и свесно ги користиме предметите околу себе!“, стои во повикот.
View this post on Instagram
Истиот ден (11 октомври) од 16 часот се организира заедничко готвење и ручек, а потоа од 18:30 часот ќе има проекција на документарна „Прогресивното минато и сегаѓност на Скопје“, во организација на „Гласни идеи“ и дискусија.
За 20:30 часот е најавен музички перформанс на „Антез“ од Франција, за потоа вечерта да заврши со отворена џем сесија и караоке.
Вториот роденденски ден стартува од 13 часот со чајанка и размена на книги, три часа подоцна има заедничко готвење и ручек, за во 17 часот да се одржи дискусија „76+1 година геноцид во Газа: Интернационална солирадност во борба против империјализмот“, во организација на „УКИМци за Палестина“.
Вечерта на 12 октомври ќе има свирка на прог-дет метал бендот „Pathogen“ и хардкор-граџ составот од Косово – „PIKE3“. На крајот, електронска музика од Mедарски.
Во продолжение, ве потсетуваме на видеото на Радио МОФ, кое го правевме за 5-годишнината од СЦ „Дуња“: