Телевизиските и филмски писатели и сценаристи во Холивуд денеска ќе гласаат за одобрување на штрајк со цел да се изборат за поголеми плати.
Преговарачите од Здружението на американски сценаристи побараа од нивните околу 11.500 членови да им дадат одобрување да стапат во штрајк по 1 мај доколку преговорите за повисоки плати и подобри работни услови пропаднат во меѓувреме.
Гласањето треба да го засили притисокот врз компаниите како што се „Дизни“ и „Нетфликс“ и да ги натераат да ги покачат платите на сценаристите, кои сметаат дека нивните плати се намалени поради таканаречената „стриминг револуција“, која резултираше со пократки телевизиски сезони, а со тоа и помали заработки за сценаристите.
„Ова е за луѓето кои од ништо создаваат производ во кој сите низ светот уживаат. Производ кој им носи милијарди долари на џиновските корпорации. Она што ние го бараме е помалку од 2% од секој долар кој овие компании го заработуваат, со цел ние да имаме придобивка од нашата напорна работа и да бидеме соодветно платени за тоа“, вели Хурвиц Арнесон, сценаристка со 15 годишно искуство во индустријата.
Последниот штрајк на Здружението на американски сценаристи во 2007 и 2008 година траеше 100 дена.
Сопствениците на филмските и телевизиските студија сакаат да избегнат уште еден проблем во индустријата, особено по пандемијата со КОВИД-19, која неколку месеци го запре производството на филмски и телевизиски содржини низ светот.