Службите за цивилна заштита на Грција наредија евакуација на Ано Лиосија, кварт во северниот дел на Атина со повеќе од 25.000 жители, додека светските медиуми пренесуваат дека во соседните квартови горат куќи. Последнава недела од пожарите во земјата загинале 20 лица.
Преку 60 пожари избувнале во последните 24 часа во Грција поради високите температури од преку 40 степени целзиусови и силниот ветер, а Европската Унија испрати помош преку механизмите за цивилна заштита, информираа противпожарните служби.
„Оваа ситуација е досега невидена, временските услови се екстремни“, изјавил портпаролот на противпожарните служби Јанис Артопиос, додавајќи дека пожарите вчера во краток период бувнале на огромна површина.
Вчера 18 мртви тела, за кои се сомнева дека биле мигранти, беа пронајдени во шумски пожар во близина со турската граница, на северот од градот Александрополис. Меѓу нив имало и две деца, соопштија од полицијата. Локацијата често се користи како влезна точка за нелегална миграција.
„Бидејќи не се пријавени исчезнати локални жители, се истражува можноста дека овие луѓе влегле во нашата држава нелегално“, рече портпаролот Артопиос во телевизиско обраќање.
Претходно беше пронајдено уште едно тело, за кое исто така се смета дека припаѓа на мигрант, а во пожар загинал и овчар на северот од Атина.
Помеѓу 19 и 21 август изгореле преку 40.000 хектари површина од шумските пожари, соопшти Националната опсерваторија на Атина.
„Грција се соочува со катастрофални шумски пожари ова лето и во овие тешки времиња соодветната поддршка од ЕУ е клучна“, изјави еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчиќ.
Во моментов горат пониските делови на планината Парнита, каде се наоѓа најголемата шума која граничи со Атина. Локалните власти го блокираа најблискиот дел од градската обиколница и повикаа локалното население да не излегува од своите домови.
Огнот продолжи да се шири неконтролирано и во североисточните делови на земјата, како и на островите Евија и Китнос, на Пелопонез и во западна Грција. Околу 20.000 луѓе, најголем дел туристи досега мораа да бидат евакуирани.
Во понеделникот беше наредена евакуација на болницата во Александрополис, а крајбрежните служби информираа дека 65 пациенти биле префрлени на траект во градското пристаниште. Овој пожар се заканува да го зафати Националниот парк Дадија.
Според метеоролозите многу топлото и суво време, што го зголемува ризикот од пожари, ќе продолжи до петок.