Се формира секција на млади новинари при ЗНМ

Повеќе млади новинари од различни медиуми синоќа се собраа да дискутираат за формирање на нова секција при Здружението на новинари на Македонија. За време на собирот, присутните дебатираа кои ќе бидат приоритетите и целите на оваа секција во 2022 година.

Вмрежување меѓу редакциите, подобрување на социоекономскиот статус на младите новинари, надградување на вештините за напредно известување и почитување на стандардите во новинарската фела беа дел од темите за кои се разговараше на средбата.

„Целта на формирањето секцијата пред се е да се афирмира новинарството како атрактивна професија, од причина што денес има се помалку интерес за истата и многу редакции се соочуваат со сериозен проблем да најдат новинари. Освен ова, со секциите се цели кон градење на поголема солидарност во новинарската професија и на дополнително надградување на знаењата како професионалци во секторот. Покрај популаризацијата, секцијата во иднина, преку градење на капацитетите ќе им овозможи на младите новинари да добијат не само можност да слушнат искуства од други медиуми и историски преглед како се менувале работите, но и околу професионалните стандарди и црвените линии во професијата“, соопштуваат од ЗНМ.

Оттаму велат дека нивната заложба е градење на капацитетите и унапредувањето на условите за работа во редакциите како и подобрувањето на соработката на младите новинари со своите поискусни колеги во редакциите. Според нив, таквата соработка ќе придонесе за поактивно вклучување на младите во креирањето на професионален амбиент за работата на новинарите.