Од септември во средното стручно училиште со настава ќе започнат две нови дуални паралелки. Тие ќе бидат наменети за профилите Електротехничар – Енергетичар и Електромеханичар.
Училиштето денеска потпиша договор за соработка со компаниите АД Електрани на Северна Македонија, ЛИБЕРТИ АД Скопје, Раде Кончар Контактори и релеи доо и МАСАК СОЛУТИОН ДОО, кои ќе дадат поддршка за формирање на дуалните паралелки. За изработка на програмата за дуално образование е вклучена консултантската компанија ПримеПоинт Партнерс.
„СЕТУ Михајло Пупин е првенец во дуалното образование и сме единствено училиште во земјата кое има соработка со десетина истакнати компании како партнери во четирите паралелки за дуално образование. Преку овие програми овозможуваме побрзо вработување за голем дел од нашите ученици. Чест ми е што на листата на наши партнери, денес се приклучуваат овие исклучителни и успешни компании кои ги согледаа придобивките од дуалното образование и не поддржаа,“ изјави директорот Димитар Ѓорѓиев.
Од АД ЕСМ, пак, посочија дека нивна заложба ќе биде што повеќе училишта да добијат можност за дуално образование, што исто така ќе биде во интерес и на фирмите во продуцирањето на нов работен кадар.
„Часовите за практична настава предвидени со наставните планови и програми ќе се обавуваат во училиштето и во просториите на назначените компании. За АД ЕСМ тоа најверојатно ќе биде во нашата когенеративна електрана „Енергетика“ во населбата Железара во Скопје. Во следниот период, ќе побараме спонзорства за ширење на овие проекти и за училишта во други градови каде АД ЕСМ има свои производни капацитети”,изјави Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Министерството неодамна најави нова политика на стипендирање на оние ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки и воопшто во средното стручно образование, која предвидува по 3500 денари за 1500 ученици од дуалните паралелки, како и по 2200 за ученици од неколку дефицитарни струки.
„Денес имаме уште неколку компании кои се приклучуваат кон реализацијата на наставата во рамки на дуалните паралелки и јас сум исклучително задоволна што ја препознаваат добрата страна на оваа идеја и што подаваат рака за едукација на учениците во делот на стекнувањето практични вештини и создавањето на квалитетен и добро подготвен кадар кој се надевам дека по дипломирањето ќе стане и дел од нивните организациски структури“, се надоврза министерката за образование и наука, Мила Царовска.