На денешната седница Владата прифати новиот протокол за изолација со кој се менува стратегијата за тестирање и ослободување од изолација за лицата со позитивен ПЦР тест, врз основа на следењето на здравствената состојба од матичниот лекар. Согласно новата стратегија за асимптоматските лица ослободувањето од изолација е 10 дена од денот на тестирањето, за лицата со симптоми ослободувањето од изолација е 20 дена од тестирањето, додека за блиските контакти изолацијата ќе трае 14 дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај.
На денешната прес-конференција, министерот за здравство доц. д-р. Венко Филипче информираше дека новиот протокол се темели на опсежни анализи на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија во МАНУ, а на препорака на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола и превенција на болести.
„По објавените препораки кон крајот на мај, МАНУ анализираше повеќе од 10.000 тестирања и според анализите, досегашните сознанија укажуваат на фактот дека кај пациенти кај коишто е дијагностициран SARSCoV-2 вирусот, независно од резултатот на последователното контролно тестирање, не е присутен виабилен – репликативно компетентен, односно вирус којшто може да е доволно силен за да предизвика зараза, после 10 дена од позитивниот тест кај асимптоматските, односно после 20 дена кај пациентите коишто имаат симптоми“, објасни министерот Филипче.
Тој истакна дека со оглед на искуството и анализите на МАНУ, кои се идентични на бројните светски сознанија, кај пациентите во фаза на рековалесценција може да се детектира дел од еден ген на вирусот и тоа во подолг временски период, некогаш и два месеци и да има позитивни контролни тестови. Сепак посочи, по толкав период веќе вирусот не предизвика инфекција.
„Согласно новиот протокол, позитивниот тест преку лабораториите стигнува во центрите за јавно здравје и во системот МојТермин понатаму се дистрибуира до матичните лекари. Тие ќе имаат обврска, како и досега, за секојдневно електронско следење на пациентите. Притоа, укажуваат дали пациентот има или нема симптоми. Доколку пациентот е асимптоматски, на 10-иот ден автоматски се генерира извештај за завршување на изолација, односно на 20-иот ден кај пациентите коишто имале симптоми.“ – информираше Филипче и потенцираше дека предходните препораки коишто досега важеа кај нас, но и во многу други земји во светот за два негативни РТ/ПЦР тестови беа базирани на искуствата со SARS и MERS вирусите, заради тоа што овој вирус беше непознат. Најновите препораки ги земаат во предвид сознанијата генерирани во последните 6 месеци од оваа пандемија.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Филипче посочи дека и покрај тоа што со имплементацијата на новиот протокол значително ќе се ослободат капацитетите за дијагностичко тестирање, нема да има измени во алгоритмот за тестирање бидејќи, се покажува, дека тој дава добри резултати.
Во однос на тоа од кога ќе важи новиот протокол за ослободување на пациентите од изолација, Филипче одговори дека електронскиот систем треба да профункционира до крајот на неделата.
„Се подготвува модул којшто автоматски ќе го генерира извештајот на матичниот лекар за ослободување на пациентите од изолација, за да понатаму тој извештај стигне до центарот за јавно здравје, рече Филипче.
Досега, за прекин на изолацијата потребни беа два негативни контролни теста.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.