Високите температури и долготрајниот сушен период деновиве резултираат со катастрофални пожари низ целата земја. Огнената стихија ги голта шумите, го уништува биодиверзитетот и живеалиштата на многу животински и растителни видови, а се заканува и на луѓето и нивните домови, пишува новинската агенција Мета.
Климатските промени се реалност од поодамна, а нивните последици ги гледаме и ги чувствуваме секојдневно. Температурите, сушата, пожарите не се веќе изненадување. Напротив, секоја година сѐ повеќе ги очекуваме, но и како и досега повторно е јасно дека не сме подготвени доволно за да одговориме. Очигледно не сме научиле од искуството и лекциите од претходните години, па и сега како и во многу ситуации досега сме принудени да се молиме за дожд да ни помогне да не ни изгорат вредни богатства.
Влијанијата на климатските промени веќе не можат да се избегнат, а доколку нешто итно не преземеме веројатно ќе стануваат само полоши, смета професорот Јане Ацевски од Шумарскиот Факултет „Ханс Ем”.
Посочува дека големите пожари со години наназад ни го уништуваат едно од најголемите национални богатства, шумите, додека институциите ги повторуваат истите грешки и не работат на превенција и адаптација. Правилниот избор на дрвни видови кои се отпорни на запалување и користењето на технологијата за превеција, се главните начини да се намали ризикот од вакви ситуации како актуелната што се случува во моментот во земјата.
„Пожари секогаш ќе има, но нивниот број и штетите можат драстично да се намалат доколку се имплементираат правилните мерки. Првата е природното прилагодување преку правилен избор на видови кои ќе се засадат и кои се отпорни на запалување и многу побрзо се обновуваат. Тоа секако треба да се автохтони видови, како што е кај нас дабот, за разлика од црниот бор или чемпресот, кои многу се садат ама и брзо горат. Втората мерка е примената на технологијата која ни стои на располагање и која може да помогне пожарите да се откриваат во самиот почеток и со тоа штетите да се сведат на минимум. Инвестициите во Национални шуми, во човечкиот потенцијал што постојано ќе биде на терен и во опрема за мониторинг и следење како термални камери, дронови, сателити и слично се многу помали од штетите кои ги плаќаме заради овие разорни пожари“, вели Ацевски.
Тој посочува дека пошумувањата доколку се прават нестручно можат да имаат и спротивен ефект од тој што го очекуваме. Освен засадувањето на погрешни видови, проблем е и што за овие дрвја по засадувањето недостасуваат одгледувачките и управувачките мерки, или едноставно кажано, не се води грижа дали ќе преживеат и како да се заштитат. Ацевски нагласува и дека институциите не ја консултираат научната јавност ниту во кризни ситуации, како што е случајот и сега со пожарите, ниту пак кога треба да се планираат активности за превенција.
Десетина пожари се активни и во моментов, секојдневно се појавуваат и нови, некои се гаснат побрзо, а неколку, како што е случајот на планината Серта во Општината Штип, зафаќаат се поголема површина и предизвикуваат огромни штети. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов предупреди дека пожарите избувнуваат наеднаш и непредвидливо, на многу различни локации во исто време, што забрзано ги троши тенките ресурси со кои располагаме, па деновиве во гаснењето, македонските институции добија поддршка од повеќе држави.
Јасно е дека глобалното затоплување ќе биде причина за сѐ поголеми временски екстреми и во иднина. Летата ќе бидат пеколни, со високи температури и сѐ пожестоки пожари. Покачувањето на просечната темература веќе е евидентно, особено во деловите од Јужна Европа вклучително и Балканот. Топлите бранови кои се подолги од шест дена и траат и по цел месец сѐ повеќе се карактеристични за летните месеци и предизвикуваат огромни штети во многу сектори, а не ретко претставуваат и закана по здравјето на луѓето и околината. Освен топлите бранови за нашата држава сѐ покарактеристични се екстремните временски настани, како што се силните ветришта, поројните поплави, град, бура, а на долг рок и деградација на земјиштето, ерозија, суша и долгорочно опустинување.
Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени вели дека со пожарите кои се активни во последните неколку недели тешко се справуваме како резултат на немањето ресурси, заради што губиме значајна површина шумска покривка и обработливо земјиште.
„Негативните ефекти врз квалитетот на воздухот и дополнителните емисии на стакленички гасови, како и други штетни последици и загуби допрва ќе ги калкулираме, но останува нејасно зошто не правиме повеќе во превенцијата на ваквите состојби и потенцијалните негативни ефекти кои знаеме дека може да се случат и дека од година во година се сѐ поголема закана за државата“, прашува Станојевска Пецуровска.
Посочува дека мора да имаме подобра координација на национално ниво, односно државата да ги приоретизира овие проблеми и да одделува повеќе средства за превенција, но и за соодветен одговор во случаите кога ќе се појават. Истото мора да го направат и општините, кои, според анализата на Центарот за климатски промени, многу малку средства определуваат за заштита и спасување, а уште помалку за превенција, јакнење на капацитетите и подигнување на свеста на сите чинители.
Иако општините имаат изработено планови за заштита и спасување и планови за реакција во случај на кризна ситуација, им недостига спроведување, а особено им неодстига соодветно буџетирање и определување доволно средства прво за превенција, а потоа и за одговор во случај на природни непогоди.
„Она што мораме да го обезбедиме на национално ниво е планот за адаптација кон климатски промени, каде сите овие аспекти ќе бидат земени предвид и ќе можеме стратешки да се справиме со предизвиците. Потоа неопходно е интегрирање на овие аспекти во сите ресори и секако подобра координација на сите сектори кои се релевантни за да обезбедат адаптација кон ефектите од климатските промени кои ни се закануваат. Заедно со адаптацијата мораме да ја планираме и заштитата и реакцијата во случај на природни непогоди и катастрофи предизвикани од климатските промени. Само вака може да очекуваме поголема отпорност и намалување на загубите и штетите во секторите кои се најпогодени од ефектите од климатските промени“, заклучува Станојевска Пецуровска.