Се намалува бројот на студенти на приватните универзитети

Се намалува бројот на студенти на приватните универзитетиПриватните универзитети функционираат со се помалку студенти, покажуваат податоците на Министерството за образование и наука. Од 2008 година наваму, бројот на студентите кои се запишуваат на приватните универзитети се намалува.

Во 2008/09 за приватен факултет се одлучиле 3990 студенти, во 2009/10 се запишале 4386 студенти, следната година оваа бројка е намалена на 3161, во 2011/12 повторно се намалува на 2655 студенти, додека последнава година, само 2592 студенти се решиле да студираат на приватен факултет.

Познавачите коментираат дека причините за намалувањето на бизнисот на приватните универзитети се и повеќе од јасни – отварањето на еден куп нови дисперзирани студии, но и пониските цени за студирање на државните универзитети.

Поранешниот министер за образование и наука, Азис Положани вели дека во намалувањето на бројот на студентите на приватните факултети улога одиграла и економската криза.

„Ниските плати и економската криза се разбира дека влијаат на тоа помалку средношколци да се запишат на приватен факултет. Дисперзираните студии кои се отворија во многу градови исто така имаат влијание“, додава тој.

Од друга страна, бројот на студенти кои се запишале на државните универзитети бележи пораст. Ако во 2006/07 се запишале 13 644 студенти, во 2012/2013 бројката на студенти запишани на државен универзитет изнесува 17 803.

Редовните студенти кои ќе влезат во државна квота ќе плаќаат 200 евра годишно, додека редовните студенти кои ќе се запишат во квотата со кофинансирање, како и вонредните студенти ќе плаќаат по 400 евра, освен ако од самите факултети не е назначено да плаќаат помалку. Студентите пак, кои ќе се запишат на дисперзирани студии ќе плаќаат 100 евра годишно.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски на идните студенти им порача дека техничките и природно математичките факултети во моментов се дефицитарни на пазарот на труд.

„Станува збор за струки кои се актуелни и барани од компаниите кои веќе работат или ќе почнат да работат во земјава. Студентите треба сериозно да размислат на кој факултет и на која студиска програма ќе го продолжат образованието, а посебно да посветат внимание на студиските програми кои се нудат за студирање на техничките и природно математичките факултети во земјава“, рече Ристовски.

Токму поради ова, годинава дел од студиите по општествени науки на државните факултети ќе функционираат со намалени квоти, посочуваат од МОН.

K.O.