Под насловот „Звуци и слики од втора рака“ се одржа мастерклас со филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут во рамки на годинешното јубилејно 15. издание на фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“ на 18 август во „Лабораториум“.
„Смитс и Стаут со присутните споделија како се запознале, зборуваа за својата заедничка љубов, соработка на филм и радио и за реупотребата на архивски звуци и слики“, наведуваат од „МакеДокс“.
На мастеркласот режисерката потсети на дел од нејзините документарци, меѓу кои и филмот „Мамичката на Путин“. Додека пак, Стаут пластично објасни што значи снимањето звук, значењето на архивираните звуци и можностите за пренесување на звук на големи далечини. Тој направи паралела на времето кога биле измислени телеграфот и радиото со нашето време.
„Појавата на радиото како алатка за пренос на звук на големи далечини пред околу 120 години не било само нов технички изум, туку претставувало сосема нова фаза во технолошкиот развој на човековата цивилизација, воопшто. Влијанието на радиото врз луѓето е значајно и ден-денес, иако новата технолошка фаза од појавата на Интернетот и социјалните медиуми многу го промени односот и можностите за пренос на звук во денешното време“, посочуваат од фестивалот.
Дополнително, уредникот посочи дека старите технологии изумираат, но и дека останува посветен на својата прва љубов. Во текот на мастеркласот беа прикажани повеќе инсерти од досегашните филмски и радиопроекти на Смитс и Стаут.
Во меѓувреме, на 18 август беше прикажан краткиот документарниот филм „Сјајот на ѕвездата“ на Марија Џиџева.
„Шабан Сејдиу е борач, шампион, четирикратен олимпиец. Тој е еден од најголемите и најуспешни спортисти во Македонија. Филмот е спортска приказна што ни го покажува патот на едно мало дете од Скопје, кое го освојува светот со својата целосна посветеност на борењето“, појаснуваат организаторите.
Џиџева и Сејдиу пред публиката на „МакеДокс“ истакнаа дека се задоволни од финалниот резултат претставен преку „Сјајот на ѕвездата“. А, борачот и тренер Сејдиу посочи дека до олимписки норми се стигнува само со многу труд, тренинзи и целосна посветеност на спортот, но беше изненаден што за потребите на филмот многу тешко успевале да стигнат до архивски снимки од неговите четири Олимписки игри на кои настапувал, а за некои воопшто немало документација.
Продуцент на филмот е Александар Трајковски, а копродуцент „Шарада филм“.
Во објектот Сули ан во неделата беа прикажани студентските филмови „Танцување со Камара“ на Сандра Ѓоргиева, „Во минување“ на Луција Бркиќ и „Животот на даската“ на Леона Јариќ.
„Младите авторки претставија различни тематски преокупации во своите остварувања. Филмот на Ѓоргиева следи дел од активностите на кореографката Катарина Камара, која е вклучена во социјален проект за рехабилитација на затворениците преку давање часови по современ танц. Филмот Бркиќ прикажува еден работен ден на активистката за човекови права Тинка во Риека, која им помага на мигранти од Блискиот Исток да го продолжат својот пат кон Западна Европа. Со ‘Животот на даската’ на Јариќ се прикажани бескомпромисната љубов и посветеност на младиот Тими кон скејтањето. Целата смисла на животот во неговиот младешки период е фокусирана на скејтбордот и возбудата што ја дава играта со него“, забележуваат од „МакеДокс“.
Вечерва, 20 август, меѓу филмските наслови кои ќе се прикажат е документарниот филм „Градина“ со почеток во 20 и 30 часот на Плато пред Музеј на Македонија. Сценариото и режијата се на Бојан Тантуровски, снимател е Кирил Шентевски, монтажата е на Горан Вукиќ, звукот го сними Марко Наумовски, а филмот е реализиран од „ОХО Продукција“.
„По триесет и пет години градинарење на ненаселено јавно земјиште во близина на реката Вардар, последните герила-градинари во Скопје се соочени со иселување. Како што се шири градот, тие се принудени да бараат друго земјиште“, наговестуваат организаторите.
Повеќе за програмата може да видите овде, или со симнување на мобилната апликација „MakeDox“.