Националното дебатно првенство за почетници е дебатен турнир организиран од дебатната програма на Младински образовен форум и е еден од најзначајните настани на програмата.
На турнирот кој се одржа од 18-20 декември, во просториите на универзитетот ФОН во Скопје се натпреваруваа вкупно 50 тимови од 10 градови од Македонија. Турнирот траеше три дена, а во неделата своите случаи ги спротивставија најдобрите средношколци на Националното дебатно првенство за почетници.
„Овој Дом верува дека социјално-загрозените фамилии треба да примаат дополнителна финансиска помош чија висина ќе зависи од училишниот успех на нивните деца“ беше тезата на која се натпреваруваа 150 средношколци во аргументација и тимска работа. Секој дебатер беше ставен во улога да размислува за општествената одговорност и образованието и колку тоа нуди еднакви шанси за успех на сите ученици. Турнирот понуди и една импромту теза, теза која што не им е однапред позната на дебатерите, „Овој Дом верува дека луѓето кои живеат на прагот на сиромаштијата не треба да бидат казнети за кривични дела од мало значење“.
Во вкупно 128-те дебати колку што се случија на тридневното дебатно првенство, дебатерите беа ставени во позиција да ја бранат, но и да ја оспоруваат тезата што значително влијае врз способноста за критичко размислување.
По три дена дебатирање и завршувањето на финалето беше избран најдобриот тим на Национално дебатно првенство за почетници 2015. Тимот „Veritas“ составен од Едита Битиќи, Луција Чошиќ и Њомза Селмани го освои првото место откако успеа да го победи тимот „Јемен“ составен од Јоаким Јаковлески, Лина Иванова и Софија Јанческа. За најдобар говорник на турнирот беше прогласена Едита Битиќи, второто место и припадна на Мартина Савовска, додека трет најдобар говорник беше Тамара Илиоска.
Овој настан е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.