Најдобите дебатери дискутираа за достапноста на академските дела и хактивизмот
Денес во Скопје се одржа финалната дебата од Националното дебатно првенство во организација на Младински образовен форум (МОФ), каде што ставовите ги соочија двата најдобри дебатни тимови на национално ниво. Темата на која се дебатираше во финалето е: „Универзитетите треба да дозволат сите академски трудови кои ги продуцираат, вклучувајќи научни статии, учебници и снимени предавања да бидат достапни за пошироката јавност“.
За време на финалето се спротивставуваа аргументите за потребата од слободен пристап на информации за сите граѓани наспроти интелектуалните права и сопственост на креаторите. Додека афирмативниот тим говореше за тоа дека сите информации треба да бидат слободни, бидејќи така овозможуваме пренесување на знаење кон сите, без зависност од нивниот економски статус и место на живеење, негацискиот тим говореше за почитување на правата на интелектуалната соственост како предуслов на секоја демократија.
Младите дебатери кои успеаа на крај да влезат во финале беа дел од тимовите „За два денари“ и „Френки“. Низ разговор со Филип Бујаровски од тимот „За два денари“ и Вилдан Дрпљанин од „Френки“ дознаваме дека подготовките за дебатите и не се толку едноставни. Еве што мислат тие за годинешното национално првенство.
Izjavi na Filip Bujarovski i Vildan Drpljanin by Radio Mof on Mixcloud
Потоа за најдобри беа прогласени Симона Сарафиновска, Филип Бујаровски и Петар Ивановски односно тимот „За два денари“ кои ќе го претставуваат Младински образовен форум на Светското дебатно првенство во дебата во Ирска. Судиите немаа ни најмалку лесна задача.
Izjava na Atanas Vangelov-MOF by Radio Mof on Mixcloud
Според Иван Џашиков, координатор на Националното дебатерско првенство, младите дебатери во Македонија стануваат се подобри низ годините и се подобруваат во искажувањето на своите ставови. Националното дебатно првенство има за цел да промовира младинска компетитивност базирана на организирана и аргументирана дискусија.
На финалната дебата и претходеа квалификациски турнири во 4 градови во Македонија на кои учествуваа повеќе од 140 дебатери и низ кои беа одбрани најдобрите тимови кои ќе се натпреваруваа во свеченото финале. Националното дебатно првенство вклучувајќи ги Регионалните турнири се овозможени од Фондација Отворено општество Македонија и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.
Емилија Петреска