Концесионерите на четири од седумте мали хидроцентрали кои се зацртани во Националниот парк „Шар Планина“ побарале надомест за вложените средства за да се откажат од изградбата. Само еден концесионер на две мали хидроцентрали во досегашните преговори целосно се повлекол и не бара компензација. Во рамките на новиот национален парк, веќе се изградени и пуштени во употреба 11 мали хидроцентрали, а четири се во фаза на изградба, објави агенцијата Мета.мк.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање не откриваат колкави износи побарале концесионерите на овие енергетски објекти, бидејќи Комисијата составена од членови на министерствата за животна средина, финансии и економија се уште ги разгледува барањата и доказите, а траат и преговорите со концесионерите.
„Во моментов се преговара со сите концесионери на мали хидроцентрали опфатени со членот 17 од Законот за прогласување на дел од Шар Планина во заштитено подрачје од втора категорија, национален парк за кои се воспоставени привремени заштитни појаси. Тоа се МХЕЦ Пена 82, МХЕЦ Љуботенска 66, МХЕЦ Вратничка 67, МХЕЦ Беловишка 107, МХЕЦ Маздрача, и МХЕЦ Лешочка 100 и 101“, информираат од Министерството за животна средина.
Од нив, концесионерот за Лешочка 100 и 101 доставил изјава дека се повлекува од инвестициите без за тоа да побарува било каков надомест, додека концесионерите за Пена 82, Љуботенска 66, Вратничка 67 и Беловишка 107 имаат доставено побарување за враќање на вложените средства за досегашната реализација на договорите.
Укинувањето на концесиите за овие енергетски објекти веќе подолго време го бараат еколошките граѓански организации. Причините се очигледното уништување на природата и штетите за биодиверзитетот, а од друга страна и минималниот придонес во снабдувањето со електрична енергија.
Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“ посочува дека екологистите очекуваат да се почитуваат препораките на Бернската конвенција донесени лани во декември.
„Се очекува препораките кои ги носи Бернската конвенција за заштита на биодиверзитетот, земјата која е нејзин потписник да ги имплементира низ националното законодавство. Ние сме во постојана комуникација со Конвенцијата и од моментот на донесувањето на препораките па досега нема никаква активност“, вели Митревски.
Бернската конвенција пред само неколку месеци препорача воопшто да не се градат хидроцентрали во заштитени подрачја, ниту мали, ниту големи. Исто така, препораката беше овие енергетски објекти воопшто да не се градат било каде надвор од заштитените подрачја, доколку нивната изградба има влијание врз заштитените предели. Тоа, смета Митревски, јасно укажува на фактот дека сите зацртани објекти во националните паркови не смеат да се изградат, а тие надвор мора да се преиспитаат.
„Почетокот на процесот на прогласувањето на Националниот парк Шар Планина е од пред повеќе од петнаесетина години, а концесиите се доделени години после тоа, иако се знаело за намерите тоа подрачје да се заштити. Сега сме во ситуација државата да треба да плаќа надоместоци за раскинување на договори. Мора истовремено да се работи и на решавање на неизградените објекти, но и да се бара решение и за оние кои постојат, дали тие ќе престанат со работа според препораките? Колкав ќе биде надоместокот што ќе треба да го плаќа државата, дали концесионерите ќе бараат и претпоставени добивки и дали ќе треба и тие да им се платат од џебот на граѓаните?“, прашува Митревски.
Конечната одлука за обесштетувањето на концесионерите, велат во Министерството за животна средина, ќе треба да ја донесе Владата.
„Откако ќе се разгледаат сите барања и ќе се утврди висината на вложените средства за секоја поединечна централа, Министерството за животна средина и просторно планирање до Владата ќе достави информација со предлог за склучување на спогодба за раскинување на договорот за концесија во која ќе бидат утврдени и висината на обештетувањето и рокот на плаќањето“, информираат од Министерството.
Посочуваат дека во иднина, согласно со Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, изградбата на малите хидроцентрали треба внимателно да се преоценува во однос на влијанијата врз животната средина, наспроти придобивките од произведената електрична енергија. Од таму велат дека од усвојувањето на Стратегијата Владата нема донесено, ниту пак Министерството предложило доделување на концесија за користење на вода на било кое подрачје, без разлика дали е или не е заштитено.