[Галерија] Се отстранува платформата на плажата „Куба Либре“ во Охрид

Под полициско обезбедување, рано утрово започна отстранувањето на платформата на плажата „Куба Либре“ во Охрид, на која и е истечен договорот за концесија. Дополнително, Општина Охрид најави дека ќе се отстрануваат и платформите на плажите кои се наоѓаат на истата линија, односно на плажите „Кадмо“ и „Бела Виста“.

Ваквата акција следува откако градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески на прес-конференција пред повеќе од една недела најави дека ќе се отстрануваат платформите и објектите на плажите од каналот „Студенчишта“ кон „Горица 1“ кои се опфатени во Генералниот урбанистички план. Неколку дена пред акцијата, локалните медиуми известија дека плажите останале без напојување со електрична енергија

„Сето тоа се должи на фактот што години наназад остварувале противправна корист и огромни приходи, граделе и узурпирале надвор од договорите за концесија на земјиштето. Дел од нив иако имале договори за плажи работеле како ресторани и ноќни клубови и нелегално ги издавале под закуп. Истото тоа продолжиле да го прават и кога договорите за концесија веќе им биле истечени и не плаќале никакви надоместоци за наем и користење на земјиштето“, изјави Георгиески.

Марјан Маловчев кој е дел од менаџерскиот тим на плажата, во изјава за локалните медиуми, претходно изјави дека плажата е изградена по сите проекти и дозволи од државата и од општината. Истовремено тој додаде дека процесот за јавно наддавање за плажите во 2018 година не бил завршен и дека формално се уште траел, додавајќи дека тие ги подмириле сите концесии до февруари годинава.

На Фејсбук страницата на „Куба Либре“ е објавено видео, на кое се гледа како се отстранува платформата.

„’Куба Либре’ ви се заблагодарува на сите што години наназад бевте заедно со нас. Се гледаме во подобри времиња за брзо!“, стои во објавата на страницата.

Во меѓувреме пак, на Јутуб видеото преку кое во живо се пренесуваше глетката од плажата кон стариот дел на градот, на англиски јазик е испишано „Иднината не е нешто во која влегуваме. Иднината е нешто што ја креираме“.

Од Општината најавија дека во наредните денови ќе се отстрануваат платформите и објектите на крајбрежјето на потегот кон населбата „Канео“.

„Угостителските објекти кои работат на овие плажи треба да престанат да извршуваат угостителска дејност надвор од законските процедури и да пристапат кон затворање на локалите. Остануваме посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети и нема да има никаква селективност во постапките“, соопштија од општината.

Екипи на Општина Охрид во изминатиот период ги отстрануваа бесправно изградените објекти на плажата „Корали“, плажата „Атлантик“ и други.

M.K.