Во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија вечерва (5 февруари) во 20 часот ќе се отвори „Зимскиот Салон“ во Националната галерија на Македонија-Објект Мала Станица.
Годинешниот „Зимски Салон“ е јубилеен, 15-ти по ред, а селектор е Емил Алексиев на тема „Тело што помни“. Годинава покрај 38 домашни автори, најавено е учество на 33 уметници од десет држави: Турција, Србија, Бугарија, Косово, Р. Српска, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Австрија.
„Морам да кажам дека на овогодинешниот Салон конструкцијата му ја даде претходното раководство, новото само го финишира и сето ова се случува во еден извонредно тежок период за ДЛУМ пред се од финансиска природа и други фактори. Сепак поради ентузијазмот и несебичната подршка на група луѓе од ДЛУМ оваа година Зимскиот Салон е изнесен на мускули и се приведува докрај, а со тоа е сторена „невозможна мисија“ во најпозитивен контекст сметајќи ја општата состојба на ликовната сцена во Македонија. Затоа апелирам до сите субјекти и објекти кај кои е финансиската моќ и моќта на одлучување во иднина да покажат поголем сенс за вакви проекти како што е Зимскиот Салон“, вели во своето обраќање претседателот на ДЛУМ-Сергеј Дамовски.
И оваа година на самото отворање на изложбата ќе се изведе перформанс во склоп со темата на Салонот кој е режиран од страна на Наташа Поплавска. Како уметникот го разбира своето тело, како неговото тело станува уметничко дело, како телото на другиот станува уметничко дело, но и како телото станува „јавно тело“, се неколку од прашањата на треба да дадат одговор авторите преку своите дела.