Годинешното, 13. издание на фестивалот на европски филм Синедејс (Cinedays 2014) ќе се одржи од 13 до 22 ноември и на него ќе се прикажат дел од најнаградуваните европски режисерски остварувања.
Во официјалната селекција и селекцијата на најдобрите филмови од балканската кинематографија –CINEBALKAN, благодарение на селекторот Бернд Будер, публиката ќе има можност да проследи филмовите од идните млади европски режисери кои полека но сигурно го трасираат својот пат кон светските фестивали.
Во соработка со Тони Шариќ, директорот на фестивалот ДОРФ од Хрватска, се носат најновите музички документарни филмови меѓу кои и филмот кој ја одбележа 2014-та година „Nick Cave: 20.000 days on Earth”, филмот за контроверзниот нигерски џез музичар Фела Кути“Finding Fela”, музичкиот документарен филм за култните Stone Roses „The Stone Roses: Made of Stone”, премиера на филмот „Денот да е радосен” за легендарните Културно Уметнички Работници, музичкиот филм „Beautiful noise” и многу други.
Како што информираат организаторите, Синедејс оваа година оствари соработка со фестивалот „Queer Lisboa: International Festival of Queer cinema“ од Лисабон кој е посветен на квир кинематографијата. Оттаму ќе гостува директорот и уметничкиот селектор на фестивалот со своја селекција на португалски квир тематски наградувани филмови кои ќе бидат прикажани во ЕУ инфо центарот во Скопје.
Синедејс оваа година ќе одржи и работилница на тема „Успешно донесување одлуки во VFX дизајнот” со една од најпознатите светски аниматори – Виржини Бурдан. Годинава, со помош на Фондот за поддршка на европските кина Eurimage, ќе се одржи и голема регионална конференција со мастер предавања на наградувани европски кинематографери за студенти кои се во својата последна година од студиите по филмска камера од Романија, Србија, БиХ, Косово, Албанија, Бугарија и Македонија.