Прилеп, на 31 мај годинава, ќе живее со и за слемот. Во градот под Маркови Кули, по трет пат, ќе се одржи Меѓународниот поетски слем натпревар за кој годинава се пријавија 33 учесници од Република Македонија и од земјите во регионов. Станува збор за модерен, перформативен начин на читање на поетски или прозни текстови при кој авторите – изведувачи во петте минути на располагање за претставување на сцена се натпреваруваат меѓу себе, а нив ги оценува жири избрано од присутната публика, објави Радио Слободна Европа.
Иако во светот датира од средината на 1980-те, кога во Чикаго беше одржан првиот таков настан, слемот кај нас дојде во 2010 година кога за прв пат се одржа меѓународна работилница во Тетово. Потем следуваше слем натпреварот на Културниот центар „Контрапункт“ во Скопје, па уште две такви успешни случувања, но оттогаш само оној во Прилеп стана традиција, континуирано одржувајќи се секоја година.
„Пред неколку години локалната самоуправа овозможи од Струшките вечери на поезијата да дојдат гости и да читаат поезија на плоштадот „Александрија“ во Прилеп. За нас тоа беше голем поттик и поддршка за овој поетски натпревар кој што е многу поразличен од она што се случува во Струга затоа што станува збор за перформансот во изведбата, а не за делата, да речам за литературата, но сепак луѓето сè повеќе го бараат и се интересираат за настанот. Ние печатиме и алманах за сите од изведувачите, примероците брзо се трошат и тоа е показател дека се движиме во добра насока“, вели Игор Трпчески, актер, поет и еден од иницијаторите и организаторите на оваа манифестација.
Тој во изминативе две години ова културно случување го потпишуваше заедно со Катерина Батаклиева, за да овојпат во тимот влезе и поетесата Елена Пренџова.
„Токму овој вид на натпреварување во искажувањето на поезија е она што ја привлече не само публиката да дојде да биде присутна, туку и ги намами поетите и писателите да го искажат своето творештво на еден ваков поинаков начин. Затоа што, сепак, не е толку лесно да излезете со микрофонот во рака кога знаете дека имате активна реакција од присутните кои или ве осудуваат ако не им се допадне или несебично ве наградува ако знаете како да ја раздрмате“, вели Пренџова.
Таа посочува дека и покрај ваквите настани кои на сцената во Република Македонија активно се одржуваат во последниве четири-пет години, сепак кај нас и да нема вистински слемери.
„Сè уште луѓето коишто се пријавуваат на поетските слемови се оние кои што пишуваат поезија и доаѓаат едноставно да си го изрецитираат својот авторски текст. Меѓутоа за разлика од ваквата наша ситуација овде во Македонија, на Запад постојат слемери кои што пишуваат слем-поезија наменска за начинот на интерпретација којшто го бара овој вид на настап. Со овие поетри слем настани што ги организираме се обидуваме да покренеме свесност кај младата популација која што пишува во Македонија дека покрај тоа што тие го пишуваат и го пишуваат добро, дека ете можат да научат да пишуваат и малку поинаков стил којшто е наменски насочен кон таква интерпретација затоа што сакаме покрај сите андерграунд културни сцени коишто постојат во земјава да ја засилиме и андеграунд слем поетри сцената“, вели Пренџова.
Таа дополнува дека е исклучително интересна врската во начинот на интерпретација помеѓу слемот и рапот (со тоа што авторот во слемот не е засилен со ништо и го има само микрофонот, а во рапот верен придружник е битот) и од оние што творат кај нас ги издвојува Славчо Ковиловски и Игор Трпчески.
„Јас сум гимнастичар кој понатаму стана актер и кој еве сега во случајов се појавува како поет. Значи, љубовта кон уметноста е неограничена. Дали ќе се појави во областа на спортот или во културата, во театарот или литературата, за мене е сеедно. Јас мислам дека се пронаоѓам во сите области и им препорачувам на сите оние коишто се писмени и знаат да пишуваат да се обидат и во слемот затоа што тоа е алатка која што не бара многу, а нуди бесконечно“, потенцира Трпчески.
Кон ова само уште информацијата дека во регионов редовни слем поетски натпревари се одржуваат во соседните Србија, Грција и во Босна и Херцеговина.
Извор: Радио Слободна Европа