Младите луѓе сакаат флексибилно работно време, работа од далечина и услови за квалитетен живот по нивна мерка, а државата треба поактивно да ги вклучи во носењето одлуки и креирање политики со цел да имаме мотивирана младина да остане во земјата.
Ова се дел од заклучоците од втората јавна дебата посветена на подигање на јавната свест за младинската невработеност во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), а во соработка и со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).
Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска истакна дека Владата има системски пристап во решавањето на предизвиците со кои се соочуваат младите, преку имплементација на политики за вработување и носење посебни закони, земајќи ги предвид промените на пазарот на трудот и иновациите во бизнис секторот и работните места. Тренчевска најави и измени на Законот за работни односи со кој ќе им се излегува во пресрет на барањата на младите.
„Во последниот период се погласно говориме за новиот Закон за работни односи во кој со воведувањето на можноста за работа од дома и работа на далечина, токму младите со стекнати дигитални вештини и знаења се оние кои ќе го имаат најголемиот бенефит и се оние кои ќе им овозможат е повеќе да се пласираат на отворените пазари на трудот ширум Европа“, рече министерката за труд и социјална политика.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Славчо Темелковски истакна дека една од главните цели за подобрување на состојбата со вработувањето кај младите е да се работи на воведување, но и промоција на мерки и програми наменети за младите со цел да се подобри младинската информираност.
„Главната иницијатива треба да се префрли кон сите посериозни чинители кои можат да придонесат и повеќе да се насочат кон тоа да ги таргетираат младите со сите придобивки кои можат да ги имаат со Законот за практикантство, Законот за работни односи, што можат да добијат со Националната стратегија за млади и слично, како да основаат сопствен стартап и слично“ рече Темелковски.
Корупцијата е еден од главните фактори кои поттикнуваат иселување на младит, посочи Билјана Стојческа од Младинскиот сојуз. Нивното последно истражувањето за младинска невработеност во рамки на Проектот за младинска невработеност покажало оти 90 проценти од младите луѓе сакаат да се иселат.
„Треба да се менува фокусот само од вработување кон обезбедување квалитетни услови за живот. Она што загрижува е дека висок е процентот на сиромаштијата кај млади луѓе – 24,6 проценти или секој четврти млад човек во земјава се соочува со сиромаштија. Една третина од корисниците на социјална помош се млади. Немаме акциски план за тоа како да се гради квалитетен живот на младите луѓе во нашето општество. Ние можеме да обезбедиме супер вештини за идните професии за младите луѓе, меѓутоа, што ако младите луѓе немаат квалитетен живот? Сите ние како општество треба да ги ставиме младите во фокусот, да работиме за младите заедно со младите, да ги слушаме нивните потреби и така ќе ги задржиме младите дома“, вели Стојческа.
Директорот на Технолошко индустриска развојна зона (ТИРЗ), Јован Деспотовски смета дека е неопходна реформа на образованието, но дека има простор со конкретни мерки да се поддржат младите во земјава и да се инвестира во развој на нивните вештини.
„Од почетокот на годината имаме отворени повеќе од 2.500 нови работи места, меѓутоа, потенцијал за раст има уште и тој треба да се искористи. Овие работни места се главно за млади луѓе, но важно е на младите да им се даде и многу повеќе простор, освен можноста да добијат добро работно место и да заработуваат пристојна плата. Во изминатава година и половина имавме неколку огласи за платена пракса каде беа ангажирани околу 15 млади луѓе. Звучи дека не е многу, меѓутоа ако се има предвид дека во Дирекцијата на ТИРЗ има ангажирани шеесетина луѓе, тоа укажува дека речиси четвртина од луѓето што биле ангажирани се млади луѓе – студенти. На сите овие млади луѓе им понудивме можност по завршување на праксата да останат и да работат и да ги менуваат работите од внатре, од институцијата“, рече Деспотовски.
Тој посочи и дека ТИРЗ од минатата година вовел можност за компаниите со поддршка од државата да реализираат програми за развивање вештини за младите, кои во рамките на овие компании можат да доразвијат вештини кои не ги стекнале во формалното образование.
Комуникологот и координатор на Програма во ИДУЕП Бојан Кордалов смета дека е итно потребна заедничка стратегија на сите општествени чинители на централно и локално ниво, а во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни со цел да се запре трендот на иселување на младите кој, меѓу другото, како што вели, покажува дека во последниве 20 години над 500.000 млади ја напуштиле земјата.
„Говориме за недостаток на квалификувана работна сила, тоа се најчестите пораки кои во јавноста ги слушаме. И тоа е резултат на масовното иселување на младите кадри во западноевропските земји и САД. Ако сакаме како земја да ја промениме оваа состојба сме дефинитивно на погрешен пат и бројките тоа јасно го говорат. Ова нема да се подобри со партиски препукувања или со надмудрувања кој е крив, кој е прав. Ефектот овие децении е поразителен. Потребен ни е разговор и дијалог, како и заедничка работа со младите. Нема успех, нема заедништво ниту напредок ако не се сузбие корупцијата која очигледно ги тера да се иселуваат. Нема успех ако нема политичка соработка и заедничка акција помеѓу сите политички чинители, а во интерес на младите. Напротив само ќе продолжиме да тонеме и да гледаме апатичност“, нагласи Кордалов.
Тој додаде дека на крајот од оваа година сите препораки ќе бидат ставени во документ кој ќе им биде доставен и на владините претставници и на општините од кои се очекува дека ќе ги интегрираат во своите политики и ќе ги спроведат бидејќи тоа е од интерес на цела држава.
Ова е втора од серијата јавни дебати за тоа какви младински профили му се потребни на пазарот на труд, но и како компаниите да инвестираат во развој на соодветните вештини и знаења на вработените. Дебатите се во рамки на проектот „Што сакаат младите –Професиите на иднината бараат вештини денес“ кој се имплементира од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.