Меѓународните експерти кои Светската здравствена организација (СЗО) ги испрати во Кина за да го испитаат потеклото на коронавирусот, изјавија дека истрагата е во застој и дека шансата за решавање на мистеријата „брзо се намалува“, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Во меѓувреме, извештајот на американската разузнавачка служба што го побара претседателот на САД, Џо Бајден даде нецелосен заклучок за потеклото на вирусот, вклучувајќи ја и теоријата дека вирусот преминал од животно на човек или дека „протекол“ од кинеска лабораторија.
Во коментар објавен во списанието „Природа“, експертите на СЗО велат дека истражувањето за потеклото на вирусот е „клучна пресвртница“ која бара итна соработка, но наместо тоа, се запрело.
Тие нагласија дека кинеските власти и понатаму не сакаат да ги споделат податоците, а како причина ја наведоа заштитата на правата на пациентите.
Претходно годинава, СЗО испрати тим во Вухан, каде официјално е забележан првиот случај на коронавирус во декември 2019 година, за да се испита како сето тоа започнало.
Во анализата објавена во март, СЗО заклучи дека вирусот најверојатно се шири од животни на луѓе, а веројатноста дека дошло до „истекување“ од лабораторија ја нарекоа „исклучително мала“.