Улица „Орце Николов“ во населбата Дебар Маало се зазеленува со нови 1.008 нискостеблести и грмушести садници, информираат од Општина Центар.
Од таму велат дека садењето ќе се одвива во текот на неколку денови, а садниците ќе го вратат препознатливиот зелен лик на „Орце Николов“.
„Овие ниско грмушести растенија ќе се засадат долж целата улица и освен декоративната улога, ќе го следат движењето на улицата и ќе придонесат кон заштитата на животната средина и прочистувањето на воздухот“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Општинарите велат дека нискостеблестите растенија кои се садат денеска и во текот на наредните денови се од видовите Ligustrun texanum од кои ќе бидат засадени 282 садници, Pachysandra terminalis – 118 садници, Cotoneaster horizontalis – 154 садници, Јuniperus horizontalis – 71 садници, Acorus gramineus – 270 садници и Spirea japonica – 113 садници.
„Грмушестите растенија ќе се садат покрај новиот дрворед од 15 јавори кои без засадени на почетокот на минатиот месец откога претходно беа исечени старите и болни дрва поради поплаките од жителите од околината. Според проектот за реконструкција на ‘Орце Николов’, зеленилото на улицата со новите садници ќе се зголеми за повеќе од 20% од пред почетокот на инфраструктурните зафати“, соопштуваат од Центар.