Сè повеќе факултети, сè помалку знаење

Се повеќе факултети, се помалку знаење?!Бројот на факултети во Македонија се зголемил за скоро четирипати од 2005 година до денес, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика и Министерството за образование и наука.

Според Статистичкиот годишник, во академската 2005/06 функционирале вкупно 36 факултети, а денес земјава има околу 130 факултети и уште неколку акредитирани високи школи, покажуваат податоците на веб-страницата на МОН.

Ваквото масовно зголемување на бројот на факултетите, кое се должи на отварањето на дисперзираните студии во повеќе градови, но и доделувањето  акредитации на повеќе приватни универзитети, за дел од експертите значително влијае врз квалитетот на образованието.

Поранешниот министер за образование и наука, Азис Положани за Радио МОФ вели дека опаднатиот квалитет во високото образование за сметка на квантитетот особено се забележува во  анкетите кои се прават во светот, каде нашите универзитети не се на завидно ниво.

„Во транзицијата се допушти високото образование да се масивизира за да се подигне образовниот коефициент на граѓаните и со тоа да се придонесе кон побрз развој. Но оваа идеа не беше комбинирана и со други политики со кои ќе се обиде да се одржи и квалитетот. Од една страна потребни се повеќе финансии за јавните институции во високото образование, а од друга страна кај приватните треба поголема доследност за законско извршување на дејноста. Ние имаме состојби на виртуелни или полувиртуелни структури кои произведуваат дипломи и успехот го мерат само со бројот на пријавените и со нивно дипломирање и тоа го ценат од призма на парите, што не е добро“, вели Положани.

Izjava na poranesniot minister za obrazovanie, Azis Polozani by Radio Mof on Mixcloud

За квалитетот на образованието се загрижени и во приватните високообразовни установи. Леон Бакрачески, портпарол на универзитетот ФОН, смета дека во Македонија постои огромна разлика помеѓу квалитетот на знаењето кое го нудат универзитетите и она што го бараат работодавците.

„Имаме несогласување во квалитетот на знаењето, во поставеноста на самата академија на различните универзитети што функционираат во Македонија, без разлика дали се тоа државните или приватните, како и неодговарање на потребите на пазарот на работна сила, во смисла на знаењето од дипломираните студенти кое од нив го бараат работодавците и компаниите, па дури и државниот сектор“, вели Бакрачески.

Според него, за разводнување на квалитетот на знаењето во голема мера придонеле и дисперзираните студии на државните универзитети кои се отворија во голем број градови.

„Не може воопшто да станува збор за едначење на квалитет кога станува збор за студиите во Скопје и техничките подготвености на факултетите  во Скопје и оние во помалите градови. Холандската методологија на дисперзирани студии и имање на универзитет во било кој град е важна и имплементативна само доколку станува збор за Холандија, но не и за Македонија. Пред се прво заради достапноста на градовите и интерконекцијата со патишта, инфраструктурата во градовите, но и инфраструктурата на самите места каде се држи наставата“, додава тој.

Izjava na Leon Bakraceski, PR na FON by Radio Mof on Mixcloud

За образовните политики и квалитетот на високото образование се обидовме да стапиме во контакт и со Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, но тој не беше достапен за коментар.

УКИМ, најголемиот државен универзитет лани се најде на 1.163 место на светската ранг листа на истражувачкиот центар „Вебометрикс” од Шпанија во конкуренција на 20 илјади универзитети. На истата листа, која ги рангира универзитетите според квалитетот на образованието, објавените научни трудови и присутност во академскиот свет, битолскиот универзитет „Свети Климент“ се најде на 4.517-то место, „Гоце Делчев“ од Штип на 4.545-то, „Штуловиот“ универзитет на 4.813-то,  а државниот универзитет од Тетово се најде на 8.385-то место.

K.O.