Сè повеќе дезинформации, а сè помалку млади новинари кои ќе ги спречуваат

„Новинарската професија можеби не е најплатена, но кога ќе отидеш во некое село и ќе бидеш гласот на човек што воопшто нема контакт со медиуми и интернет, верувајте тоа е најдобрата професија во светот“.

Со овие зборови новинарот Фуркан Салиу од ТВ Клан денеска се обиде да ги охрабри своите помлади колеги со кои дискутираа за предизвиците во ерата на дезинформации.

Според Салиу, медиуми има, но нема квалитет.

„Имаме по 40 камери на прес-конференција, но колку ги информираме граѓаните?“, праша тој.

Причина за да навлезе во новинарството биле поделбите меѓу општеството кои ги создавале медиуми. Добро се сеќава на своето прво практично искуство каде прва задача била да се купи бурек на уредникот, а дури потоа да се оди на терен. Салиу не го дозволил тоа и затоа ја нагласи потребата од самоиницијативна борба кај помладите колеги.

Но, главен момент според него е да се врати довербата во новинарството, иако свесен е дека никој не е имун на дезинформациите. Раскажа случка кога на својот личен профил на Твитер споделил фотографија која била монтажа од претседателот на опозицијата Христијан Мицковски со албанското знаме. Иако нагласил во објавата дека фотографијата не е вистинска, медиуми ја објавиле претставувајќи ја како вест.

Катарина Синадиновска од Советот за етика во медиумите проблемот го гледа во згаснувањето на професионални медиуми и немањето редакции.

„Преку глава ми е од конференции на кои постојано кажуваме што е проблемот. Знаеме што ни е проблемот, немаме медиуми, тие се затвораат. Во Македонија веќе не постојат редакции“, забележа таа.

„Претворени сме во следачи на прес-конференции, сандачињата се полни со соопштенија од партиите и ТВ дебати на кои имате, ќе бидам вулгарна, цвет претставен како водител и двајца кои треба да си ги извадат очите на вулгарен јазик. Нема излегување на терен, нема граѓани, нема новинарство“, додаде Синадиновска.

Сепак, нејзиното искуство покажало дека младите се тие кои може да ги направат промените.

„Македонија имаше тешка транзиција и постарите колеги, како и постарите претставници во сите општествени сфери покажаа дека недоволно знаат како да се постават и како да се изборат за своите позиции. Младите со својата бунтовност, со својата желба за промени се вистинските кои може да ги адресираат проблемите“, посочи таа.

Во однос на дезинформациите, до Советот на етика најмногу претставки пристигнуваат за интернет порталите. Според Синадиновска, ова е уште еден показател за непостоење на традиционални медиуми.

Драган Секуловски од Здружението на новинари на Македонија препознава два проблеми кога станува збор за предизвиците со кои се соочуваат младите новинари. Од една страна, го нагласи дефицитот на млади новинари, а од друга, суфицитот на дезинформации во општеството.

„Во услови кога новинарската професија старее, во услови кога дури и лице од 35 години го сметаат за млад новинар, навистина треба да се запрашаме колку кај нас има млади новинари и што се подразбира под тоа“, забележа тој.

Истакна дека годинава помалку од 20 лица се запишале на новинарски студии во државата, наспроти 60 во времето на Салиу, или пак 130 во времето на Синадиновска.

Секуловски жали што новинарската професија е неатрактивна меѓу младите. Според Синадиновска, причините за ова се ризиците кои ги носи професијата, притисоците, малата заработка, но и одговорност на кажаниот збор. Салиу, пак, решението го гледа во инвестирањето во професионално новинарство.

Е.П.