Се зголемува бројот на луѓе кои селективно избегнуваат важни вести, како што се оние за пандемијата со коронавирусот, руската инвазија врз Украина и кризата со инфлацијата, покажа новиот Извештај за дигитални вести на Институтот за студии на новинарство на Ројтерс кој беше објавен вчера.
Иако мнозинството луѓе кои биле анкетирани велат дека следат вести на редовна база, 38% од нив рекле дека понекогаш или често избегнуваат вести, што е зголемување за 9 проценти во споредба со 2017 година. Околу 36% од анкетираните, особено оние на возраст под 35 години, велат дека вестите негативно им влијаат на расположението.
Во Европа најмногу се избегнуваат вести на Балканот. Бугарија, Хрватска и Грција имаат највисоки бројки од сите европски земји кои биле вклучени во истражувањето, со 57% од граѓаните во секоја од државите кои изјавиле дека избегнуваат вести. Данска, пак, има најмал процент на луѓе кои избегнуваат вести – 19% од анкетираните.
Довербата во вестите исто така е во пад и е најниска во САД. Просечно, 42% од луѓето изјавиле дека имаат доверба во најголемиот дел од вестите, но овој процент опаднал во половина од земјите каде биле спроведени анкетите, додека пораснал во седум држави.
Од европските држави најниска доверба во вестите имаат граѓаните на Грција, каде само 19% од анкетираните изјавиле дека веруваат во вестите. Највисока доверба имаат граѓаните на Финска, каде 69% од анкетираните изјавиле дека имаат доверба во вестите.
„Голем број луѓе ги гледаат медиумите како предмет на политичко влијание и само мало малцинство верува дека најголем дел од медиумските организации го ставаат јавното добро пред нивниот бизнис интерес“, вели директорот на Институтот на Ројтерс, Расмус Клеис Нилсен во извештајот, кој е базиран на онлајн истражување направено на 93.432 луѓе во 46 светски држави.
Извештајот покажува и дека младата публика сè повеќе пристапува до вестите низ платформи како што се ТикТок и дека тие имаат слаба поврзаност со медиумските брендови.
Неделно 78% од оние на возраст помеѓу 18 и 24 години стигаат до вести преку агрегатори, пребарувачи или преку социјалните медиуми. 40% од оваа возрасна група користи ТикТок секоја недела, додека 15% изјавиле дека ја користат оваа платформа за да најдат, дискутираат и да споделуваат вести.
Истражувањето покажува дека се стабилизира растот на луѓето кои плаќаат за онлајн вести, со голема пропорција на дигитални претплати кои ги добиваат мал број национални медиумски брендови. Низ 20 држави, каде плаќањето за вести е раширено, 17% од испитаниците плаќале за одредени онлајн вести, што е иста бројка како минатата година.
Целосниот извештај е достапен на следниов ЛИНК.