Утрово Арбен Мемети го дочека поплава во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Веќе трета година е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а од самиот почеток на студиите редовно ја посетува читалната, бидејќи како што вели, многу му е полесно да учи во ваква установа, отколку дома. Но, зградата е во очајна остојба, вели тој, а дождот само дополнително ги извади проблемите на овој важен простор за студентите.
Веќе три години, вели Мемети, ништо се нема променето. Барем не на подобро. На фотографиите кои тој утрово ги испрати до Радио МОФ се гледаат локви вода, скршени столчиња, руинирани читални…
„Навистина е во исто време и смешно и трагично да се слушне дека студентите се главните „двигатели“ на општеството, а притоа принудени сме да учиме во супстандардни услови, во споредба со читалните и библиотеките што ги имаат соседните земји ,а камоли европските земји, иако имаме за цел да се приклучиме на Европска унија, ние сме многу далеку од тоа со оглед на тоа во какви околности живееме!
Ние, како читатели, бараме реновирање и достојни услови за студирање, но тоа не го сакаме ниту по една година, ниту по две години, туку почнувајќи веднаш по завршувањето на тековната сесија. Ова е само еден од нашите многу „крици“ за помош и се надеваме дека можеби ќе стигне до политичарите, кои за жал се присетуваат на нас само пред избори“, револтиран е студентот.
Од НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје пак велат дека се свесни за проблемот со зградата на која и треба реновирање. Чекаат решение од Владата и Министерството за култура.
„Состојбата во читалните на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, е во крајно лоша состојба. Очекуваме од Владата и Министерството за култура да преземе мерки т.е. да ги обезбеди финансиските средства и да се реновира целата зграда а под хитно кровот и читалните. Се надеваме дека во најбрз можен рок ова ќе се реализира и читателите ќе може да работат, учат и истражуваат во нормални услови“, напиша во одговорто до Радио МОФ, Фримзим Даути, директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Од Министерството за култура пак велат дека минатиот месец министерката за култура, Ирена Стефоска, испртила комисија во ненајавена работна посета на библиотеката, при што биле констатирани бројни слабости.
„Поради негрижа, објектот со години е запоставуван и доведен во исклучително лоша состојба, а хигиената е одраз на „домаќинското“ однесување на менаџментот. Комисијата за Инвестициско одржување, осигурување, адаптација и набавка на опрема при Министерството за култура, во февруари годинава, достави извештај со кој за Нацрт-годишната програма за работа на НУБ не ги прифати барањата (за набавка на лифт, за сервисирање на системите за ладење и греење и за санација на покривот на стариот објект ) заради погрешна и непотполна документација. Вистинската адреса за овие барања е Програмата за инвестиции во културата каде што, доколку конкурирале, би им биле одобрени бараните средства за санација на покривот за која проектот е веќе направен. И во овој случај се работи за недоволна ангажираност на раководните лица“, одговорија од Министерството за култура.
Оттаму додаваат дека на почетокот на мај биле извршени и два вонредни инспекциски надзора над установата, а јавноста за сите наоди ќе биде информирана по завршување на целата постапка.
Во меѓувреме, студентот Арбен Мемети материјалот за испити ќе го учи во супстандардни услови, во надеж дека нема да заврне дожд додека учи во читалната на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Јасмина Јакимова