Бирото за развој на образованието изготви нов предлог-список за лектири за основното образовани, од второ до деветто одделение. Како што соопштија од Министерството за образование и наука, предлогот го доставуваат на јавен увид и ја повикуваат стручната јавност, како и наставниците од основните училишта да се вклучат во јавната дебата и да го искажат своето мислење во однос на списокот за лектири.
Предлогот, посочуваат, ќе биде доставен за мислење и до универзитетите во Република Македонија, како и до Друштвото на писатели на Македонија.
Од МОН посочуваат дека списокот на лектири се освежува и дополнува за да биде во чекор со интересите на учениците, како и да го поттикне и зголеми интересот за книгата кај млади. Ревидирањето, додаваат, се прави и со цел да им даде слобода на наставниците во нивната работа и да се збогати изборот на лектири со кој тие би можеле да работат низ годините.
Списокот е објавен на веб страницата на МОН со покана за коментари и предлози од страна на сите заинтересирани лица. Во моментот се подготвени списоците за лектири за наставата која се одвива на македонски, албански и турски наставен јазик, а во тек е изготвување на списокот за лектири на другите јазици на кои се изучува основното образование, соопштија од МОН.
Помалку „итарпејовштини“, повеќе „Хари Потер“ во детската лектира