Со законска интервенција во Законот за високо образование, кој по скратена постапка беше изгласан вчера, се изедначи вредноста на коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи од буџетската сметка во државата, јавува новинската агенција Мета.
Тоа значи дека отсега, ќе биде изедначена платата на вработените во јавните високообразовни установи, која се исплаќа од средствата на буџетската сметка, за иста сложеност, ист обем на работа и исто образование во сите јавни високообразовни установи. Целта на измените, како што пишува во законот, е вработените да се стават во рамноправна положба.
Предложените измени на Законот за високо образование, кои се случија на иницијатива на поранешниот министер за образование Арбер Адеми, следуваат откако Министерството за образование и наука (МОН) на 27 февруари објави дека вработените на најстариот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во
Македонија, од овој месец ќе добиваат повисоки плати во просек за околу 22 отсто, а ретроактивно ќе им се исплати и разликата за месец јануари.
По ваквата одлука, следуваа протести на Државниот универзитет во Тетово, во кој професорите и останатите вработени бараа повисоки плати.
„Вкупно 3.000 професори, асистенти, административни и технички лица ќе почнат да добиваат зголемен износ на личниот приход по основа на плата за околу 22 отсто, а дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од месец март, кога е предвидено и зголемување на минималната плата во државата“, соопштија тогаш од МОН.
Оттаму објаснија дека станува збор за обврска согласно колективниот поединечен договор потпишан помеѓу Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија како основач на високообразовната установа, а чија цел е унапредување на правата, можностите и материјалната состојба на вработените на универзитетот.
Инаку, во измените на законот кои беа изгласани дееска, пишува дека со примената на склучениот колективен договор, се очекува да се постигне подобар квалитет на наставно-научниот процес и во интерес на студентите, да се создаваат поквалитетни генерации, кои успешно ќе се интегрираат и ќе раководат со општествените процеси.
„Оваа добра основа и желба за реализирање и истовремено за подобрување на состојбата на ова категорија од страна на основачот, наметна особено голема потреба државата да не го испушти овој концепт. Ова унапредување во иднина би значело залагање за подобри правата на вработените во високото образование и науката и овозможување на склучување нови колективни договори и со останатите универзитети, кои заради политичките околности и законски бариери беа ускратени да ги остварат овие права и за иста сложеност, ист обем на работа и исто образование да се добива иста плата на јавните високообразовни и научни установи“, наведено е во образложението на законските измени.