- Владата лани прогласи кризна состoјба поради енергетската криза којa е продолжена до април годинава што овозможува договори во четири очи без јавен оглас
- ЕЛЕМ е лидер во мултимилионски набавки преку нетранспарентни постапки иако оттаму тврдат дека само два до три отсто од вкупниот број јавни набавки се на ваков начин
- Министерства, државни компании и институции често го користат овој начин за да спроведат јавна набавка која нема врска со топлинската и електричната енергија.
- Лани, до Бирото за јавни набавки биле доставени 346 барања за добивање мислење за постапки за преговарање без јавното огласување, од кои најголемиот број се во периодот од 30 септември.
- Поради сомнежите за наместени тендери, ваквите постапки на договарање без оглас треба да се применуваат само во исклучителни ситуации
Во периодот јануари-ноември 2022 година вредноста на нетранспарентни јавни набавки реализирани во постапки со преговарање без објавување оглас изнесувала 65 милиони евра, што е драстично зголемување во однос на цела 2021 година кога на овој вид јавни набавки биле потрошени 46 милиони евра, пренесува онлајн платформата „Само прашај“.
Но, оваа сума сигурно е уште поголема ако се земе предвид дека и во текот на декември државни компании и институции активно продолжија со набавки преку преговори без распишување оглас.
Највпечатлив пример за тоа е договорот за сервисирање и редовни периодични прегледи на гасни мотори којшто државното акционерско друштво за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕЛЕМ) на 16 декември го склучи со фирмата „Флекс повер“, а има вредност од 93,5 милиони денари или околу 1,5 милиони евра.
Од АД ЕСМ за Само прашај тврдат дека само два до три отсто од вкупниот број јавни набавки се реализираат во постапки со преговарање, без претходно објавен оглас, а минимален е и процентот на нивната вредност, во однос на вкупните износи што се прикажуваат на годишно ниво. Исто така, велат, транспарентноста никогаш не била доведена во прашање и се е согласно членот 99 (за избор на најповолна понуда) од Законот за јавни набавки.
„Нашата компанија дури и кога набавува енергенси, за што, согласно законите, нема обврска да објавува јавен повик во медиуми, или да испраќа покани до снабдувачи затоа што набавката на енергенсите во секторските услуги се врши по принципот – склучување договор, не ја користи таа можност. Заради транспарентност, конкурентност, економски придобивки, одлука на АД ЕСМ е објавување јавен оглас и праќање покани до фирми коминтенти што ја работат дејноста да учествуваат на јавниот повик“, појаснуваат од ова АД.
Воедно, надополнуваат дека во последните четири години при секоја со закон предвидена јавна набавка, биле повикувани најмалку три фирми, понекогаш и повеќе заради конкурентност. И, изборот секогаш паѓал на понудувачот со најниска цена.
Што се однесува до ЕЛЕМ и најавата дека со своја механизација ќе копа јаглен за потребите на термоелектраните, наместо да се трошат десетици милиони евра за изнајмување, од АД ЕСМ укажуваат дека сите машини се ставени во функција, а задоволуваат 30 отсто од вкупните потреби на комбинатот, што било нагласено уште при објавувањето на постапката.
Инаку, со јавната набавка остварена во 2020 година, биле обезбедени 36 парчиња помошна механизација за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, во вредност од 17,5 милиони евра, а за годинава во план се нови набавки.
Според податоците на Бирото за јавни набавки во периодот од 1 јануари-19 декември 2022 година се склучени 272 договори за јавни набавки во постапки со преговарање без објавување оглас.
Се користи ли кризната состојба за нетранспарентни набавки?
Владата прогласи кризна состојба од 30 дена во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво на 1 септември лани, која што потоа со одлука на Собранието беше продолжена на шест месеци од октомври лани до април 2023 година.
Образложението за овој чекор беше недостигот од електрична енергија и актуелните состојбите на пазарите на електричната енергија и недостиг од топлинска енергија односно можноста за користење на алтернативно гориво.
Од динамиката на склучување на договорите и видот на набавките лесно може да се заклучи дека дел од нетранспарентните набавките склучени по прогласувањето на кризната состојба се поврзани со енергетиката односно се набавувало струја, други енергенти и слични производи и услуги од овој сектор.
Меѓутоа, очигледно е дека голем дел од набавките без огласи немаат никаква поврзаност со топлинската и електричната енергија, а договорите се склучувале во текот на целата година односно пред Владата да прогласи кризна состојба.
Анализата на склучените договори преку преговори без распишан оглас покажа дека таква е јавната набавка за откуп и дистрибуција на учебници и придружен дидактички и работен материјал за основно образование за учебната 2022/2023 година на Министерството за образование и наука за која највредните договори во јули, годинава се склучени со „Арс Ламина“ (1,5 милиони евра) и „Арбериа дизајн“ (1,2 милиони евра).
Но, има и библиотеки и основни училишта кои набавуваат книжен фонд и други материјали, како тоа да е нешто што не може навреме да се испланира и да оди во редовна постапка за јавна набавка со распишување оглас.
МОН: Се бира најповолната понуда
Без оглас, или само со постапка за преговори, е остварена јавната набавка за откуп и дистрибуција на учебници и придружен дидактички и работен материјал за основно образование, за тековната учебна година.
Од Министерството за образование и наука објаснуваат дека за дел од учебниците наменети за основното и за средното образование не ги поседуваат авторските права, односно тие се во сопственост на издавачки куќи, Затоа, нивната набавка секоја година се врши преку откуп на конкретен тираж за кој претходно, пред почеток на учебната година, МОН добива информации од училиштата. Преку посебна електронска апликација тие пријавуваат од кои предмети и од колкав број учебници имаат потреба.
Изостана конкретен одговор на прашањето дали МОН може или не навреме да предвиди колку учебници се потребни.
„За останатиот дел учебници кои се користат во основното и средното образование, МОН ги поседува авторските права, а се печатат во тираж кој исто така го пријавуваат самите училишта. Секоја година се спроведува постапка за јавна набавка преку која се избира економски оператор кој ќе достави најповолна понуда“, велат од Министерството, додавајќи дека сите тие постапки се уредени во Законот за учебници во основното и средното образование.
Нетранспаретните постапки стануваат практика
Податоците на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ) којшто редовно врши мониторинг на јавните набавки покажуваат дека нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас веќе се практика во Македонија и дека расте вредноста на ваквите договори во изминативе неколку години. Имено, во 2021 година вкупно се склучени 300 вакви договори во вредност од 46 милиони евра, односно за 54 проценти повеќе од 2020 година.
Од ЦКГ во повеќе наврати укажуваат дека проблематично за овие договори е тоа што најголем дел од нив се одвиваат низ процес на преговарање со само една фирма, а никаде не се дефинирани начините на коишто таа е избрана. Во случаите, пак, кога преговарањето се води со повеќе фирми, нивните имиња не се објавуваат во известувањата за склучен договор. Дополнителна слабост на овие постапки е тоа што за нив не се објавува тендерска документација, како за другите постапки.
Законот за јавни набавки, конкретно членот 55, ги овозможува нетранспарентните договарања, односно точно предвидува кога и во кои услови ваквата форма на реализирање зделки е легална. Во согласност со Законот за јавните набавки, Бирото за јавни набавки дава мислење за исполнетоста на условите за примена на постапката со преговарање без претходно објавување оглас во случаи на крајна итност предизвикани од настани што договорниот орган не можел да ги предвиди и да му се припишат како пропуст, потоа заради заштита на ексклузивни права и кога, од уметнички или од технички причини, договорот може да се склучи само со одреден економски оператор.
Моќта на членот 55
Се работи за обемен член, но накусо, постапка со преговарање, а без претходно објавување оглас може да се спроведе:
- доколку нема понуда, ниту, пак, пријава за учество во првата фаза, по две веќе реализирани отворени постапки, и тоа само ако не се значително сменети условите од тендерската документација;
- ако целта на јавната набавка од секторските дејности е исклучиво истражување, експериментирање, проучување или развој, без намера да се оствари профит или да се надоместат трошоците за истражувањето и развојот;
- во случај кога стоката, услугата или работата може да ја обезбеди само одреден економски оператор, но само за да се создаде или да се добие уникатно уметничко дело или уметничка изведба, или ако поради технички причини нема конкуренција за предметот на набавка, или за заштита на ексклузивни права, вклучувајќи ги и правата од интелектуална сопственост;
- поради крајна итност, предизвикана од непредвидливи случувања, поради што роковите за другите постапки не може да се применат.
Сево ова, според одредбите од членот, може да се користи само ако нема алтернатива или замена, но и доколку отсуството на конкуренција не е предизвикано од намерно наметнати ограничувања кај спецификациите за предметот на набавка.
Бројот на барања доставени до Бирото за јавни набавки за добивање мислења за примена на постапката со преговарање без објавување оглас во 2021 година е зголемен во однос на 2020 година. Во периодот јануари – декември 2021 година, до Бирото за јавни набавки се доставени 358 барања, наспроти 199 барања доставени во 2020 година. На околу две третини од барањата е одговорено позитивно.
Во текот на минатата 2022 година, пак, до Бирото за јавни набавки биле доставени 455 барања за добивање мислење во врска со спроведување постапки за преговарање, а со изземање на јавното огласување. Од нив, најголемиот број, односно 212 барања пристигнале во периодот од 30 септември до крајот на годината, од кога и практично на сила е кризната состојба.
Според она што го добивме од БЈН, тие дале 128 позитивни и 64 негативни мислења согласно членот 55 став 1 точка г, од причини, како што велат во писмениот одговор, квалификувани како крајна итност.
Од барањата за заобиколување на огласот поради тоа што стоката, услугата или работата може да ја обезбеди само одреден економски оператор (чл. 55 став 1 точка в), 212 добиле позитивно, а 12 негативно мислење. Испратени се и 22 известувања со нотирани формални и други недостатоци во барањата за мислење, се вели во одговорот од оваа институција.
Со оглед на нетранспарентноста на постапките за јавни набавки со преговарање без распишување оглас јасно е дека тие треба да се применуваат само во исклучителни ситуации, а не да прераснуваат во пракса. Во спротивно, оправдан ќе биде сомнежот за местење на тендерските постапки.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.