Дел од потпорниот ѕид на улицата „Белградска“, која поминува над Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ утринава се урна, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека уште пред повеќе од една година до ЦУК стигнале пријави од граѓани дека ѕидот зад Детската клиника е во лоша состојба и постои опасност да падне.
Од ЦУК велат дека веднаш по пријавите ги известиле сите надлежни институции, Министерството за здравство, Градот Скопје, Општината Центар и Министерството за внатрешни работи и побарале да ги преземат потребните мерки за да се заштитат животот и здравјето на граѓаните.
„За жал, една и пол година подоцна не е преземено ништо. Состојбата со ѕидот е уште повеќе влошена и рано утрово на 112 добивме пријава дека дел од овој ѕид е срушен, но прашање на ден, а можеби и на час, е кога ќе се сруши и останатит дел од ѕидот под кој што, меѓудругото, паркираат и возила, а се движат и лица. Затоа апелираме до Министерството за здравство, до Градот Скопје и Општина Центар итно да се зафатат со надминување на оваа опасност“, вели Ангелов.
За ситуацијата реагираа и од Град Скопје.
Од таму велат дека тие немаат никаква законска надлежност и посочуваат дека потпорниот ѕид е во надлежност на Министерството за здравство.
„Попрецизно улицата ‘Белградска’ е улица во надлежност и сопственост на општина Центар, за истата донесена е одлука на Совет за одржување од Град Скопје, кое во ниту еден случај не значи изградба на улица ниту друг вид градежни активности врз нејзини делови. Изградба на општински улици е во надлежност на општините додека на Градот Скопје се надлежност булеварите и сообраќајниците кои се опфатени во ГУП“, велат од Град Скопје и додаваат дека реконструкција и изградба може да прави само Министерството за здравство.
Според Ангелов, опасноста е комплексна затоа што улицата „Белградска“ го разграничува Клиничкиот центар со куќите кои се веднаш над неа.
„Под улицата постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не можеме да ја утврдиме. Тие се во многу лоша кондиција. Не ја собират подземната вода коа доаѓа од падините на Водно и избива во самиот ѕид и со тоа дополнително ја нарушува стабилноста на ѕидот, но и на улицата. Тука се движат возила во двата правци, но таа тесна и едвај се разминуваат. Во некое најлошо сценарио, ќе дојде до рушење на ѕидот, но и на улицата“, рече Ангелов, и додаде дека е потребна итна координација на надлежните институции.
Симона Паскоска