Сè уште се чека да се раскинат концесиите за малите хидроцентрали во Маврово и на Шар Планина

Раскинувањето на договорите за концесија на малите хидроцентрали Жировничка 5 и 6 во Националниот парк „Маврово“ сѐ уште не е завршен, а за Рибничка не е ниту почнат. Управата на Националниот парк „Шар Планина“ побарал одземање на концесиите за Пена 84 и 85, но постапката пред да почне ќе треба да се разгледува во Владата, пренесува агенцијата Мета.мк.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во моментов има склучено договори за концесија за изградба на 42 мали хидроцентрали, од кои во заштитени подрачја во моментов се гради само една, Караниколос 80, која е лоцирана во зона на одржливо користење на Шар Планина. Од министерството велат дека во текот на минатата година не е спроведена постапка за ниту една нова концесија за мала хидроцентрала.

„Преку МЖСПП, во национални паркови досега во целост не е изградена ниту една мала хидроцентрала. Во фаза на градба е Караниколос 80 на Шар Планина. Во рамки на национални паркови засега се предвидени пет централи, од кои за две Жировница 5 и 6 се води постапка за раскинување на договорот, за Пена 84 и Пена 85 се разгледуваат доставените предлози, а за Рибничка 7, лоцирана во Маврово се разгледува предлог за дислокација“, информираат во министерството.

И покрај тоа што постапката за раскинување на концесиите на Жировничка 5 и 6 е започната пред неколку години, во министерството велат дека преговорите за овие два енергетски објекти сѐ уште не се завршени. Тоа не е случај и за третата мала хидроцентрала Рибничка, која е зацртана во рамките на заштитеното подрачје на паркот. За неа, и покрај препораките на Бернската Конвенција и апелите на екологистите и јавноста да не се гради, нема постапка за раскинување на договорот. Напротив, во министерството велат дека е поднесен е предлог за измена на техничкото решение со што објектите на Рибничка би биле на друга локација. Намерата е да се премести од зоната на строга заштита во зона на одржливо користење, но и во тој случај би била во рамките на паркот.

„Предлогот е доставен до изготвувачите на Студијата за ревалоризација и до управата на националниот парк, од каде треба да се добијат податоци во која зона ќе бидат лоцирани објектите“, велат во министерството.

Оттаму посочуваат дека за Пена 84 и 85 во Националниот парк „Шар Планина“ од управата на паркот е доставено е барање за одземање на концесиите, додека концесионерот побарал за спогодбено раскинување на договорот со оглед на тоа што им е оневозможен пристап на терен. Во моментов за случајот се подготвува информација која треба да се разгледува во Владата.

Отпор кон изградба на мали хидроцентрали имаше и за локации надвор од заштитени подрачја, како за двете на реката Дошница на Кожуф. И покрај негодувањето и протестите на локалното население и екологистите, од Министерството велат дека за тие веќе се склучени договорите за концесија.

„За двете мали хидроелектрични централи на Дошница, Папрад и Баров Дол е склучен договор за концесија, според кој концесионерот има обврска да постапува во согласност со издадените дозволи и елаборатите за заштита на животната средина“, велат во министерството.

Мета