Таксират Фестивал оваа година возобновува една од своите традиции посветена на „таксиратот“ на младите и неафирмирани музичари. По пауза од пет години, на 29 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје повторно ќе се одржи „Лузер Фест“ , како традиционален предвесник на главната фестивалска вечер на „Таксират“. Право на учество со свој настап ќе имаат осумте најдобри бендови од сите пријавени на oтворениот фестивалски конкурс.
Сите македонски млади и неоткриени бендови кои се подготвени да ги вкрстат своите инструменти и да се натпреваруваат за наградите на „Лузер фест“, треба до 20. октомври да ги испратат своите песни на конкурсот. За да се пријават, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават три досега необјавени авторски песни (во било кој аудио формат), да остават свои контакти, фотографија и кратка биографија на бендот и членовите. Пријавите треба да бидат испратени на адресата: info@password.mk.
Победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф, а албумот ќе биде објавен под капата на „Пасворд Продакшн“. Исто така реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка) и „ИНМЈУЗИК“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на нивниот фестивал.
„ТАКСИРАТ“ фестивал еден од бендовите ќе го одбере да учествува како свој претставник за 2015 година во „ЦЕЕТЕП“ (CEETEP – Central Eastern European Talent Exchange Program) програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.
„Една од мисиите на „Лузер Фест“ секогаш била зајакнување на домашната музичка сцена, но и обезбедување простор кој денес веќе не постои за сите музички вљубеници и млади луѓе кои ги зеле инструментите во свои раце и се обиделе да направат нешто оригинално и свое. „Лузер Фест“ се крева од правта со цел да покаже дека овие луѓе не го потрошиле залудно своето време и талент, а на 29. ноември во МКЦ, повторно ја поставува својата бина за сите избраници од конкурсот кои се подготвени да се покажат во најдобро светло и со тоа да се обидат да завршат како најдобрите на фестивалот“, наведуваат од Таксират.
„Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите 8 групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“. Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани. Од „Пасворд“посочуваат и дека нема да се примаат песни со семејни и традиционани вредности, односно дека тие песни ќе ги остават за фестивали како Макфест, Скопски Фестивал, Гоце Фест, Цветници и за сите останати места.