Виенските градски власти најавија воведување забрана за јадење храна со интензивен мирис во вагоните на подземната желеница. Притоа се мисли на брзата храна како хамбургери, пица, но и сендвичи со салама, колбас со сирење и лук и други производи со поинтензивен мирис. Забраната треба да стартува наесен.
„Тргнуваме со кампањава пред се поради самите патници и нивниот комфор, па затоа ќе се потрудиме луѓето навреме да бидат информирани,“ изјави градската советничка Ули Сима.
Таа истакнува дека за ова се дискутира веќе со години, но со досегашните повици ништо не е постигнато.
„ Така, единственото решение е забраната“, заклучи таа.
Инаку деновиве, поради жештините во виенското метро беа поделени над 14.000 бесплатни стик дезодоранси. Како што посочија од компанијата, ова се прави бидејќи подземната линија „У-6“ на некои делници вози и над земјата, па вагоните многу брзо се загреваат, а само половина од возовите од таа линија се климатизирани.