Цените на оризот, јајцата и тестенините се „замрзнуваат“, односно за нив ќе важат цените кои се применувале во трговијата на мало и на големо од 1 декември годинава, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши на неговата Фејсбук страница. Ваквата одлука ќе важи до 31 јануари.
„Листата се проширува со три нови основни прехранбени производи ориз, јајца и тестенини и има за цел да да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението“, стои во објавата на Бектеши.
Дополнително, таму се објаснува дека се исклучени цените на привремените попусти кои важеле на 1 декември.
Претходно на 4 декември Владата ги „замрзна“ и цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2.8%, 3.2% и 3.5%, свежото месо и сувомеснатите производи и сирењето и урдата.