Владата на вчерашната седница донесе Одлука со која се утврдуваат највисоки цени на трговија на мало на хигенски производи. Согласно одлуката се утврдуваат највисоки цени на тоалетна хартија, влажни марамчиња, пелени за деца и возрасни (дајперси) и хигиенски влошки кои се применувале на 20 март во трговијата на мало, а со тоа цените се намалуваат за 13%.
„Оваа одлука се носи согласно анализите направени во Министерството за економија имајќи ги во предвид податоците од Царинската управа. Во делот на тоалетна хартија цените на тоалетната хартија се движеле од 94,8 денари до 343,3 денари, од 1 март до 24 март 2023 година цената се движела од 94,8 денари до 205 денари а со пресметано ДДВ од 11 денари до 241 денар, а 85% од тоалетната хартија е од увоз. Кај влажните марамици цената се движи 94,6 денари во јануари, 94,5 денари во февруари и 83,2 денари во месец март 2023. Редовната царина е 6%. За пелени за деца и возрасни (дајперси) се движи 36, денари по парче до 1.600 денари по кутија, а кај за хигиенски влошки се движи 27,9 денари по парче до 63,56 денари по парче. Редовната царина е
6%“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши додаде дека одлуката за хигенските влошки се носи пред се бидејќи Законот за намалување на ДДВ на овие производи сè уште не е усвоен во Собранието.
„Имајќи во предвид дека за жал во собраниска процедура од декември минатата година има законско решение за овие производи за намалување на ДДВ од 18 на 5%, но сеуште ова решение не е разгледано во Комисијата за фианнсирање и Буџет во Собранието“, вели Бектеши.
Од Владата посочија дека според Законот за трговија и според образложението од предлагачот, може привремено да го ограничат вршењето на трговијата во случај на нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки, а согласно наведеното, Владата може да ги определи највисоките цени за одделни производи и услуги во производството и прометот.
Одлуката стапува на сила по објавување во Службен весник, а ќе се применува од 1 април до 31 мај годинава.