Плоштадот околу средновековната „Крива кула“ во Болоња ќе биде затворен на неколку години поради стравувања дека објектот од 12-тиот век небезбедно се накривува.
Градоначалникот на Болоња, Матео Лепоре, вели дека затворањето на Пјаца ди Порта Равењана било неопходно со цел да се спаси Кулата Гарисенда.
„Не интервенираме бидејќи мислиме дека ќе се сруши во секој момент, туку бидејќи сакаме да ја подобриме сигурноста и да ја зачуваме“, вели Лепоре.
Судбината на 48-метарската кула, која се наоѓа покрај двојно повисоката Кула Асинели, е предмет на дискусии подолго време откако научниците од Болоњскиот универзитет утврдија зголемување во нивото на осцилации на кулата, пренесува Гардијан.
Гарисенда, која го има маѓепсано и славниот писател Чарлс Дикенс при неговата посета на Болоња, е накривена под агол од четири степени, што е повеќе дури и од попознатата Крива кула во Пиза. Накривувањето се верува дека е предизвикано од тонење на земјата во периодот на 14-тиот век.
Кулата се мониторира за пукнатини, а врз неа биле поставени и сензори за да се следи било какво поместување. Се предвидува нејзиниот темел да биде поткрепен со нови материјали што ќе го направи објектот побезбеден. Покрај Гарисенда, затворена е и Кулата Асинели по која посетителите можеа да се качуваат.
Кулите, кои се наоѓаат на влезот тогашната Болоња, се именувани по ривалските семејства кои ги изградиле и се смета дека тоа било начин да се натпреваруваат за тоа кој има поголема моќ и богатство.
Кулата е спомената неколку пати во „Божествената комедија“ и „Римите“ на Данте Алигиери, а Дикенс пишувал за неа во неговото дело „Слики од Италија“. Гарисенда се споменува и во патописот „Италијанското патешествие“ на Јохан Волфганг фон Гете.