Се затвораат студентските домови во Скопје

Надлежните пресекоа – летово се затвораат студентските домови под капата на скопскиот Студентски центар. Сите студенти кои сакаат во јули и август да останат во Скопје ќе треба да се преселат во домот „Кузман Јосифовски Питу“. Отворен ќе биде и мал дел од домот „Стив Наумов“, информираат од Министерството за образование.

Се затвораат студентските домови во Скопје

Студентите до последен момент чекаа да видат што ќе се случи со нивното сместување ова лето. Дел од нив се приморани да останат во Скопје бидејќи имаат задолжителна студентска пракса или пак испити кои се полагаат во текот на јули и август.

„Никој не ни дава конкретни информации“, вели студентка сместена во „Стив Наумов“, која  додава дека надлежните од домот и најавиле дека мора да се исели во СДУ „Кузман Јосифовски Питу“.

„Веќе три дена ги средувам документите, но немам друг избор“, револтирана е студентката.

Како што информираат од МОН,  ваквата одлука годинава била донесена со цел да се намалат трошоците на студентските домови во летниот период, бидејќи работеле со минимална искористеност на капацитетите.

Студентите притоа ќе плаќаат по 150 денари за ноќевање или 2.700 денари ако остануваат цел месец, без вклучена храна. Тие се зачудени бидејќи покрај основната сума летово им било побарано да плаќаат и по 10 денари дневно за туристичка такса.

Истовремено, студентските домови што ќе работат летово ги отвораат своите врати за работниците, туристите и посетителите на Скопје. Ќе функционираат како хотели. Во „Кузман“ и во „Стив“ ноќевање чини 400 денари за домашни или 20 евра за странски гости. Попусти има за организирани групи кои подолго време ќе престојуваат во домот.

Во домовите пак кои не се под капата на Студентскиот центар Скопје, како СДУ „Томе Стефановски Сениќ“, цените се различни. Овде студентите кои веќе престојувале во домот, преку лето треба да плаќаат по 4.500 денари, останатите студенти по 9.000 денари месечно. За гостите од надвор, тарифата е 10 евра за дневен пансион, а веќе им се најавени повеќе групи работници кои организирано ќе престојуваат во домот.

Од МОН за радио МОФ информираат дека сите студентски домови се посебни правни субјекти и сами си ја формираат цената за престој.

„Управниот одбор како орган на управување во државните студентски домови донесува ценовник, со категоризации на собите и цена на услугите во текот на јули и август. Доколку некој од студентите има потреба од престој во домот во текот на јули и август, ќе мора да ги прифати утврдените цени од страна на УО“, додаваат од МОН.

Ј.Ј.