Регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“ своето седмо издание годинава ќе го реализира на 26 август во Сули-ан и на 27 и 28 август во МКЦ-Скопје.
Под слоганот „Нова писменост“, фестивалот во организација на издавачката куќа „Темплум“ ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони…
„Со 15 гости од регионот и исто толку домашни, ќе се обидеме да ги лоцираме современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараме за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираме исклучителни интердисциплинарни проекти кои ги шират перцепциите на културата“, велат организаторите.
Главната награда оваа година ќе ѝ биде доделена на угледната писателка Дубравка Угрешиќ, за нејзините вонредни остварувања во експерименталната проза. Разговорот со неа ќе го води Румена Бужаровска, а ќе бидат промовирани две нејзини нови книги на македонски. За творештвото на Угрешиќ ќе зборуваат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка).
Фестивалот ќе го отвори Урош Крчадинац со самостојната трансдисциплинарна изложба „Бантустански мапи“ – илустрирани мапи од патописниот роман „Бантустан“. Изложбата ќе биде проследена со предавање на авторот.
Своите творештва на фестивалот ќе ги претстават: Сенка Мариќ (писателка, поетеса и уредница), Срѓан Срдиќ (поет и уредник), Маша Сеничиќ (поетеса, сценаристка и уредница), Јана Букова (писателка и поетеса), Данило Лучиќ (поет и уредник). На фестивалот ќе гостува и словенечката пистелка за деца Јана Бауер, која беше лауреатка на фестивалот „Друга приказна“ во 2020 година.
И годинава повторно ќе се одржи традиционалниот перформативен натпревар со „едноминутни новели“ насловен „Овде паѓаат крупни зборови“, на кој со своите кратки фикции ќе се натпреваруваат 12 странски и домашни писател(к)и. Ова е вообичаено најпопуларниот настан на фестивалот, а изминативе години победници на натпреварот беа угледни авторски имиња.
Филмот „Долги реси“ на Драган Протиќ-Прота се фокусира на еден, денес заборавен дневен ритуал и преку духовито патување низ балканските дневни и спални соби, кројачки и куќни салони, ја оживејува „музиката“ на некогашните фабрики, заедници, естетски начела и ритуали. По проекцијата ќе следи разговор со авторот Протиќ.
Излагања во кои ќе ја претстават својата работа во наставата по книжевност и работата со млади ќе имаат и Ана Фазекаш (критичарка, уредница, есеистка), Хелена де Карина (професорка), Ружица Марјановиќ (професорка и уредница на фестивалот „На пола пута“), Барбара Прегељ (универзитетска професорка и истражувачка).
Ненад Тонкин ќе ја постави изложбата „Суштества страшни со фризури и машни“, скулптури со мал формат изработени од готови најдени предмети и рециклиран материјал.
Мал концерт ќе одржи Димитра Цилевска.
Влезот на сите настани е слободен.
Фестивалот „Друга приказна“ е поддржан од ТРАДУКИ и од Министерството за култура на Република Северна Македонија