По неколкудневни разговори, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО) нашле решение за непречена реализација на воспитно–образовниот процес за учениците од седмо одделение.
Од септември, како што велат од МОН, тие ќе можат да ги користат учебниците кои се применуваат досега, со додатни материјали кои ќе бидат изработени од страна на Бирото за теми кои недостасуваат во истите, а предвидено е да се изучуваат годинава. За оваа цел, од МОН велат дека е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование, во седмо, осмо и деветто одделение.
„Предизвикот со генерацијата ученици кои од септември ќе бидат седмо одделение, настана поради тоа што досега не беа изработени нови учебници за нив, согласно новите наставни програми и Концепција. Иако претходното раководство јавно информираше дека сите учебници се изготвени и се печатат, реалноста е дека ниту еден не е испечатен, а најголем дел не се ниту изработени, ниту одобрени“, велат од МОН.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред два дена истакна дека до септември, како Влада не можат да стигнат да обезбедат учебници за седмо одделение, дури ако имаат и „волшебно стапче“.
Од МОН тврдат дека целосно нови учебници за седмо одделение ќе има од учебната 2025-2026 година. Во меѓувреме, оттаму велат дека доколку Концепцијата за основно образование која влегува во процес на ревидирање, согласно мислењата на наставниците и другите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, биде изменета и има потреба дека ќе бидат изготвени и нови наставни програми и учебници и по други одделенија.